Половина век покрај наковалната, ковач го чува семејниот занает од заборав
- Шеесет и тригодишниот Ахмет Топатан од Гиресун веќе половина век се занимава со ковачки занает што како мало дете го научил во татковата работилница
Gültekin Yetgin
03 Јули 2026•Ажурирано: 03 Јули 2026
photo: Gültekin Yetgin / AA
ГИРЕСУН
Ахмет Топатан, кој веќе 50 години во турскиот град Гиресун изработува земјоделски алати, продолжувајќи го занаетот што го научил од својот татко, е меѓу малкутемина мајстори што сè уште изработуваат рачно ковани ножеви, пишува Анадолу.
Топатан се заинтересирал за занаетот во работилницата на својот татко Идрис Топатан во селото Окчу, кое административно спаѓа на центарот на Гиресун, а на 13-годишна возраст го зел чеканот в раце и почнал да кове железо на наковалната.
Во слободното време по часовите во училиштето од татко му учел да изработува земјоделски алати и ножеви.
Фотографија : Gültekin Yetgin/AA
По отслужувањето на воениот рок, Топатан продолжил да работи на занаетот заедно со постариот брат во работилницата во центарот на градот, со што одбележа 50 години во ковачкиот занает.
Топатан, кој му дава форма на железото на наковалната откако претходно ќе го вжешти во огништето, во својата работилница по нарачка изработува ножеви, како и алати - секири и српови.
- „За ковачкиот занает е потребна прецизност“ -
Искусниот занаетчија Ахмет Топатан за Анадолу изјави дека уште од мали нозе се заинтересирал за ковачкиот занает.
Раскажува дека како дете не бил доволно висок за да замавнува со чеканот, па се качувал на празни пчелни кошници за да го кове железото.
Посочувајќи дека веднаш по завршувањето на училиштето одел кај татко му во работилницата, Топатан вели дека во минатото таму немало електрична енергија и дека во огништето работеле со мев направен од кожа од бивол за да го загреат железото.
Фотографија : Gültekin Yetgin/AA
Топатан вели дека за ковачкиот занает е потребна прецизност и нагласува: „Тоа е многу тежок занает. Важно е да му се даде форма на железото. Секој удар со чеканот има различно влијание врз секоја страна на железото.“
Шеесет и тригодишниот Топатан објаснува дека температурата на загревање и димензиите на железото ги проценува од око и додава: „Железото се загрева во огништето според неговата цврстина. Некои видови железо се калат во масло, а некои во вода.“
Тој посочи дека најчесто изработува земјоделски алати што се користат во насадите со лешници.
Топатан рече дека сака да продолжи да работи на занаетот сè додека му дозволува здравјето и дека би сакал да ги научи младите, но, за жал, нема интерес.
Половина век покрај наковалната, ковач го чува семејниот занает од заборав