Amina Zorniç
13 Август 2016•Ажурирај: 14 Август 2016
САРАЕВО (АА) - Пред 3.000 посетители во центарот на Сараево, синоќа, во рамките на отворањето на 22. Сараевски филмски фестивал (СФФ), на холивудскиот оскаровец Роберт де Ниро му беше доделена почесената награда Срцето на Сараево, јавува Anadolu Agency (AA).
На Де Ниро наградата за животно дело за исклучителен придонес во филмската уметност му ја врачи директорот на Фестивалот, Мирсад Пуриватра.
„Навистина ќе ја чувам наградата Срцето на Сараево и ќе се сеќавам на овој град, бидејќи мислам дека нема град во светот што покажа толку голема храброст во најтешките моменти. Постои една сличност меѓу Сараевскиот филмски фестивал и Трибека: И двата настанаа од борбата, од трудот да се преживее. Затоа ми претставува големо задоволство што сум овде со вас и ви благодарам многу”, порача Де Ниро.
По доделувањето на наградата беше проследена проекцијата на филмот „Таксист”, со Де Ниро во главната улога, кој во чест на 40-годишнината на филмот е реставриран.
Де Ниро, по пристигнувањето во Сараево, посети повеќе локации во Сараево и се запозна со историјата на градот. Во разговор со новинарите во неколку наврати истакна дека е среќен што е во Сараево и на Сараевскиот филмски фестивал.
Инаку, на синоќешното отворање на 22. Сараевски филмски фестивал покрај големиот број гости присуствуваа и голем број акредитирани новинари од регионалните медиумски куќи кои го следеа дефилето на црвениот тепих.
СФФ во наредните денови, сè до 20 август ќе ѝ понуди на публика над 220 филмови: десет играни, 29 документарни, 16 кратки и два анимирани филмови.
Градот поради фестивалот е посебно уреден, а ноќниот живот во главниот град на Босна и Херцеговина е збогатен со голем број музички содржини, забави и концерти.