Admir Fazlagikj
27 Јануари 2016•Ажурирај: 28 Јануари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија (ФЗОМ) денес, ја објави првата електронска услуга од сетот на новите електронски услуги, која се однесува на осигурениците кои користат ортопедски помагала, информираат од ФЗОМ, јавува Anadolu Agency (AA).
"Со оваа нова електронска услуга – електронска заверка за ортопедско помагало, осигурениците нема потреба да доаѓаат во подрачните служби во ФЗОМ и да чекаат на шалтери, бидејќи специјалистот и матичниот лекар ќе може да ја издаваат и заверуваат потврдата од ординација, односно од нивното работно место. За остварување на ова право во 2015 година се направени 145.000 заверки на потврди за ортопедски помагала, што значи 145 илјади луѓе дошле во Фондот за здравствено осигурување", се наведува во соопштението од ФЗОМ.
Во соопштението се наведува дека од 1.2.2016 година, за сите овие осигуреници, овие услуги ќе биде достапни и по електронски пат и нема да има потреба да доаѓаат во подрачните служби на Фондот.
"На товар на Фондот се одобруваат вкупно 355 типови оротопедски помагала, односно 1373 помагала од различни производители. Сите ортопедски помагала, за кои не треба одобрување од лекарската комисија, осигурениците од 01 февруари 2016 година ќе може директно да им ги заверува матичниот, односно лекарот специјалист. Истата потврда по направената заверка станува достапна за ортопедските куќи и со заверената потврда осигурениците одат во ортопедската куќа која сами ја избираат и веднаш го подигнуваат помагалото. Заверената потврда ги содржи сите потребни информации за осигуреникот, односно информации за порачување и испорака на помагалото, цената на помагалото и за партиципацијата доколку ја има" , стои во соопштението.
Понатаму, во соопштението за новата услуга се наведува дека "потврдата содржи и информации за ортопедските куќи кои имаат договор со Фондот, со цел осигуреникот сам да избере која ортопедска куќа за него е најдобра".
"Оваа нова електронска услуга за сите осигуреници кои имаат потреба од ортопедско помагало, ќе важи за: потколени ортози, ортози за горни екстремитети, дел од ортозите за рбетен столб (шанцова едноделна и дводелна кравата, корсет платнен лумбален (со фишбан и метални шини), минерва корсет, корективни ортози, ортопедски чевли, ортопедски влошки, еластични чорапи, бастуни, патерици, дубаци и одалки. појас и утега, вештачка дојка, останати помагала и санитарни справи (сите видови на пелени)."