Mesut Varol
03 Септември 2016•Ажурирај: 04 Септември 2016
ВАН (AA) - Месут Варол -
Во текот на археолошките ископувања во палатата Чавуштепе, на подрачјето Ѓурпинар, во Ван, на истокот на Турција пронајдено е семе на пченица и сусам старо 2.800 години, јавува Anadolu Agency (AA).
Пронајденото семе и сусамот ќе бидат повторно засадени.
Археолошкиот парк се наоѓа приближно на 20 километри од центарот на градот Ѓурупинар, а палатата е изградена за време на подемот на кралството Урарту, кога на тронот седел кралот Сардур.
Група археолози од Универзитетот „Јузунџу Јил“ во 2014 година започнале со ископување, со цел откривање на скриените детали за периодот на владеењето на Урарту, кое е познато по првите канализациски системи во светот, специфични за изградба на палати и бројни други достигнувања, кои и денес привлекуваат голем број археолози, историчари и туристи од целиот свет.
Групата археолози ги предводи професорот Рафет Чавушоглу, кој изјави дека по пронаоѓањето и ископувањето, житарките ги дале на анализа.
Според неговите зборови, во рамките на палатата се наоѓаат важни остатоци од периодот на Урартите. Чавушоглу порача дека по анализата ќе се види дали и на кој начин е најдобро да се засадат семките од пченица и сусам.
Археолозите со тоа ископување дошле и до просторија-складиште на палатата Чавуштепе и во неа пронашле 120 керамички садови со капацитет од 36 тони, во кои се чувани различни прехранбени артикли.
Секој сад со капацитет од 300 килограми е закопан во земјата, а на врвот се наоѓаат натписи со клинесто писмо, кои се своевидна етикета на робата што се чува во садовите.
Во времето на кралството Урарту, на тој начин храната е чувана од пожар и од поплави, а особено било важно чувањето на семињата, бидејќи долината Ѓурпинар секогаш била богат земјоделски крај.