Dilara Hamit
14 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
АНКАРА (АА) - Светски познатиот автор на бестселери Вилбур Смит почина на 88-годишна возраст, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Веста ја потврди неговиот издавач, а Смит починал во својот дом во Кејп Таун, во Јужноафриканската Република.
Во текот на неговата долгогодишна кариера објави 49 книги кои се продадени во 140 милиони примероци.
„Романите на Вилбур Смит ги воодушевуваат читателите повеќе од половина век, продавајќи се во над 140 милиони примероци низ светот на повеќе од триесет јазици. Неговата најпродавана серија „Кортни“, најдолгата во историјата на издаваштвото, ги следи авантурите на семејството Кортни низ светот, опфаќајќи неколку генерации и три векови, низ критичните периоди од колонијална Африка до американската граѓанска војна и ерата на апартхејдот во Јужна Африка“, се наведува.
Првиот роман на Смит „When the Lion Feeds“, објавен во 1964 година, беше инстант бестселер и секој од неговите наредни романи беше на листата бестселери, често на првото место, со што авторот доби можност да патува надалеку во потрага по инспирација.
Смит е роден на 9 јануари 1933 година во Северна Родезија, сегашна Замбија, во Централна Африка. Неговиот татко Херберт Смит бил лимар, а неговата мајка Елфреда, која била повеќе уметнички наклонета, била таа што го поттикнувала младиот Вилбур да чита.
На 18-месечна возраст, Смит сериозно се разболел од церебрална маларија и постоела можност да има оштетување на мозокот доколку преживее.
Неговиот татко сметал дека неговата опсесија со книгите е неприродна и нездрава, поради што Смит станал таен читател, поминувајќи часови во тоалетот каде што ги чувал своите омилени романи.