Serhat Çetinkaya
30 Октомври 2021•Ажурирај: 03 Ноември 2021
КОНЈА (АА) - СЕРХАТ ЧЕТИНКАЈА -
Билните чаеви, поради нивната лековитост често ги користиме за лечење настинка и грип, па дури и за губење на вишокот килограми. Сепак, стручњаците предупредуваат дека погрешното консумирање на овие чаеви може да предизвика повеќе штета отколку корист, јавува Агенција Анадолија (АА).
Со доаѓањето на студениот период многумина посегнуваат по билни чаеви за да го зајакнат имунитетот.
Оние кои сакаат да се заштитат од сезонски настинки или дури да го изгубат вишокот килограми, најчесто посегнуваат по билни чаеви, особено по оние што содржат липа, жалфија, анасон, потоа зелен чај, камилица, лаванда, рузмарин, ѓумбир, куркума и цимет.

Проф. д-р Нурхан Унусан, шефицата на Одделот за исхрана и диететика при Факултетот за здравствени студии на Универзитетот „Каратај“ во Конја, предупреди на опасностите што билките можат да ги предизвикаат доколку не се консумираат правилно.
Таа потсети дека луѓето ги користат билните чаеви во текот на целиот живот, од рано детство до доцна старост, а исклучок не се ни трудниците. Сепак, предупреди дека треба да се биде претпазлив и да се проверуваат информациите за консумирањето на билните чаеви.
- Билните чаеви не се нештетни -
Професорката Унусан предупредува дека билните чаеви треба да се користат со внимание еднакво како кога се користат лекови.
„Што и да користиме, треба да добиваме информации од вистинскиот извор. Сега сите бараат информации на интернет, но и таму, колку има точни толку има и погрешни информации. Потребно е да се знае дали да му се верува на тој извор. Покрај тоа, нужно е да се биде внимателен и во дозирањето на количината што се троши“, советуваше Унусан.

Таа потсети дека многу лекови се прават од билки и дека консумирањето погрешен чај од билки може да штети колку и консумирање погрешен лек.
„На пример, трудниците и доилките не би смееле да користат чај од жалфија, бидејќи може да предизвика промени во хормоналната рамнотежа. Треба да бидат внимателни и оние кои имаат срцеви болести, дијабетес, рак или лица што користат лекови. Треба да се знае дека билните чаеви не се толку нештетни. Бидејќи содржат активни состојки. Поголемиот број лекови се прави од билки. Поради тоа, не смееме да заборавиме дека билките кои ги внесуваме во организмот може да дојдат во заемно дејство со лековите што ги користиме“, апелира Унусан.
- Внимание, исто како и со лековите -
Професорката Унусан предупреди и на позитивните и на негативните страни на чаевите, зависно од начинот на подготовката и обработката на билките.
Укажа на фактот дека постојат луѓе што се сомневаат во лековите кои ги препишува лекарот, а без проверка консумираат чаеви.
„Билките, поради навиката усвоена од родителите или околината, ги консумираме без да ја провериме нивната корист и штета. Кога лекарот ќе го препише лекот, внимаваме дали се консумира наутро или навечер, пред или по јадење, колку пати дневно, на сè тоа внимаваме. Иако секој лек не се користи постојано, посебно внимание посветуваме на лекот и треба еднакво внимание да покажеме и додека консумираме билки“, рече Унусан и додаде:
„Треба да бидеме внимателни додека консумираме билки, особено исушени и во вид на напиток. Пред консумирање би требале да се посоветуваме со стручњак.“