Пензионер од Турција создава минијатурни ремек-дела од рециклирано дрво
- „Оваа работа бара трпение. Колку повеќе работам, толку повеќе уживам. Никогаш не помислив да се откажам затоа што ми здодеало. Секогаш кога ќе завршам едно дело, се добива прекрасен резултат. Тоа ме поттикнува да изработувам нови дела.“
Fikret Delal
16 Јули 2026•Ажурирано: 16 Јули 2026
photo: Fikret Delal / AA
РИЗЕ
По пензионирањето, 62-годишниот Халил Ибрахим Топчу од турскиот град Ризе ѝ се посветил на дрвената уметност и, користејќи рециклирани материјали, изработува минијатурни модели на различни градби, пишува Анадолу.
Топчу, кој се пензионирал пред околу 15 години, веќе 10 години во еден агол од својот дом се занимава со изработката на дрвени минијатури, со што започнал како хоби.
Користејќи отпадни дрвени материјали, како стапчиња за раженчиња, гајби за лимони и стари подни штици, Топчу со помош на моделарски нож, рачна брусилка, акумулаторска дупчалка и лепило изработува џамии, стари планински куќи, Моминската кула, историски градби и други минијатурни дела.
Досега изработил повеќе од 50 дела, кои целосно се рачно направени и високо се ценети од луѓето во неговата околина.
Фотографија : Fikret Delal/AA
Халил Ибрахим Топчу за АА изјави дека по пензионирањето почнал да изработува дрвени минијатури за да го исполни слободното време.
Тој рече дека најпрвин изработувал минијатури на мали алатки, а со текот на времето се насочил кон поголеми и подетални изработки.
„Најпрвин почнав да правам многу мали минијатури, како копачка и лопата. Колку повеќе работев, толку повеќе ми се допаѓаше. Потоа почнав од дрво да ги изработувам поголемите дела што ги замислував. Со ова се занимавам околу 10 години. Секогаш кога ќе ми дојде нова идеја, ја реализирам“, рече Топчу.
Фотографија : Fikret Delal/AA
Тој додаде дека најголем дел од материјалите што ги користи во своите дела се производи за рециклирање.
„Оваа работа бара трпение. Колку повеќе работам, толку повеќе уживам. Никогаш не помислив да се откажам затоа што ми здодеало. Секогаш кога ќе завршам едно дело, се добива прекрасен резултат. Тоа ме поттикнува да изработувам нови дела. Последно ја направив Моминската кула. Потоа под неа ги додадов морето и делот со аквариумот. Кога ги поставив и рибите, делото стана уште поубаво“, вели тој.
Топчу истакна дека своите дела ги изработува во еден агол од својот дом, без никаква работилница, со едноставна опрема и целосно рачна работа.
Тој додаде дека многу луѓе сакаат да ги купат неговите дела, но бидејќи во својот дом создал катче за хоби, не размислува да ги продава своите изработки.
Пензионер од Турција создава минијатурни ремек-дела од рециклирано дрво