Ayşe Karaosmanoğlu
09 Април 2026•Ажурирај: 09 Април 2026
Во кафулето „Муџизе“ (кафуле „Чудо“), кое е отворено во рамките на Домот за дневен престој на лица со посебни потреби во Инџек, во турската област Анкара, со поддршка на Фондацијата за аутизам и Општина Анкара, лицата со аутизам преку својот труд и работа наоѓаат нов пат за поврзување со светот и целосно вклучување во животот, јавува Анадолу.
Домот за дневен престој на лица со посебни потреби, основан од Фондацијата за аутизам, нуди драгоцена поддршка за родителите. Тие , со огромна доверба, ги оставаат своите деца да преноќат во случај на нивни итни обврски, патувања или семејни собири, знаејќи дека се во сигурни раце.
Претседателот на Управниот одбор на фондацијата, Ајдин Чајан, чија визија го движи овој проект, за Анадолу истакна дека цел е да создадат модел што ги опфаќа сите аспекти на живеењето – од едукација до секојдневни навики.
Во рамките на фондацијата функционираат работилници за подготовка на чоколада, работа во кујна, како и дрводелски активности. Децата се вклучуваат во нив според нивните афинитети и вештини.
Во кујната владее тивок, но прецизен ритам. Таму се месат теста за колачи, се печат торти и се подготвуваат супи со внимание карактеристично само за оние што светот го гледаат низ поинаква призма.
„Во работилниците учат како да аранжираат маса, да носат чинии и да ја полнат машината за садови. Во работилницата за дрводелство помагаат во шмирглањето и боењето, а во онаа за чоколади учествуваат во процесот на пакување. Желбата за да учествуваат на кој било начин и да ги почувствуваат пулсот и радоста на животот ни е преголема“, вели Чајан.
„Сакаме на кој било начин да бидат дел од животот. Наша цел не е само образованието, туку и вештини што ќе им ја зголемат самостојноста во секојдневието“, нагласува Чајан.
- Преку престојот во различни социјални средини, тие стекнуваат вештини за комуникација -
Децата со аутизам се социјализираат и градат мост на комуникација со секој посетител. Во ова магично кафуле тие секојдневно комуницираат со гостите под надзор на наставниците. Еден од најубавите примери е младата Пери, која е редовно вработена и осигурена.
„Пери ги пречекува муштериите, ги послужува и постојано се социјализира. Таа ја обожава својата работа и гледаме огромен напредок кај неа“, вели Чајан со гордост во гласот.
Чајан ја нагласи искрената топлина на амбиентот, како и среќата на семејствата на лицата со аутизам што работат во кафулето „Муџизе“ и на сите семејства што го посетуваат ова место.
Тој вели дека пријавувањето во центарот најчесто се случува на иницијатива на родителите, кои честопати и случајно го откриваат ова место додека пијат кафе.
„Семејствата дознаваат за нас или доаѓаат случајно и уживаат во атмосферата. Ако проценат дека нивното дете може да се адаптира тука, сакаат да се обидат. По првиот обид некои деца не сакаат да се вратат, но има и такви што со огромна желба и упорност сакаат да продолжат.“
Децата што се редовни посетители се вклучени во посебна образовна програма, а активностите се одвиваат во текот на целиот ден, организирани во претпладневни и попладневни групи.
Укажувајќи на тоа дека аутизмот не е болест што треба да се излечи туку само поинаков јазик на комуникација, Чајан нагласи дека вакви средини се од пресудно значење за децата да станат дел од социјалниот живот.
– „Важно е кампањите за подигнување на свеста да бидат потрајни и поефикасни“ -
Свеста за аутизмот не смее да биде ограничена само на одредени денови, вели Чајан и додава: „Ова не е прашање за кое треба да се зборува само еден ден и потоа да се заборави. Треба да се потсетуваме секојдневно, да ги пополнуваме празнините и да пристапиме кон ова со став заснован врз човековите права. Клучно е напорите за подигање на свесноста да станат потрајни и повлијателни.“
Перихан Чеснер, една од вработените во кафулето, сподели дека работи по пет часа дневно и дека одлично се согласува со гостите.
Таа вели дека воопшто не се чувствува уморна додека работи: „Послужувам, носам чај и кафе. Ги пречекувам сите што доаѓаат. Навистина ја сакам мојата работа овде.“