Mücahithan Avcıoğlu
09 Април 2026•Ажурирај: 09 Април 2026
Цената на суровата нафта од типот Брент денес се зголемија за 2,5%, со што се намалија големите загуби, по јавувањата на иранските медиуми и повторното нарушување на функционирањето на Ормускиот Теснец што создаде нови сомневања за прекинот на огнот постигнат со САД и ја зголемија загриженоста за глобалното снабдување со нафта, јавува Анадолу.
Фјучерсите за суровата нафта од типот Брент се тргуваа за речиси 97 долари за барел од 05:50 часот по Гринич, откако вчера паднаа за повеќе од 16% на 90 долари, што е најниско ниво за повеќе од еден месец.
Цената првично падна откако САД и Иран се согласија на двонеделен прекин на огнот, намалувајќи ја непосредната загриженост за прекините во снабдувањето од Блискиот Исток.
Но ситуацијата се смени откако новинската агенција „Тесним“, повикувајќи се на информиран извор, објави дека Иран би можел да се повлече од договорот за прекин на огнот со САД ако Израел продолжи со нападите врз Либан. Иранските медиуми, исто така, објавија дека транзитот на танкери низ Ормускиот Теснец повторно е запрен по израелските напади врз Либан и покрај тоа што два танкера безбедно поминаа набрзо по објавувањето на прекинот на огнот.
Денес „Тесним“ објави дека „огромен број“ пловила се блокирани во стратегискиот воден премин. Вестите пристигнаа неколку часа откако иранската државна телевизија ИРИБ ја цитираше Организацијата за пристаништа и поморство дека бродовите што сакаат да поминат низ теснецот мора да се координираат со морнарицата на Исламската револуционерна гарда и да ги користат одредените маршрути.