Can Erözden
06 Март 2017•Ажурирај: 06 Март 2017
ФРАНКФУРТ (АА) - Челниците на француската група „Пежо С.А“ (ПСА) постигнаа договор со американската групација „Џенерал моторс“ (ГМ) за купување на компанијата „Опел“, што ќе доведе до значајни промени во автомобилската индустрија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Џенерал моторс“ соопшти дека за 2,2 милијарди евра ја продал компанијата „Опел“ на француската групација ПСА, која е сопственик на брендовите „Пежо“, „Цитроен“ и „ДС“.
„ПСА“ на тој начин ќе стане сопственик на германскиот „Опел“, но и на британскиот „Воксол“, кој е во сопственост на „Опел“.
Француската групација „ПСА“ на тој начин ја надмина конкурентната компанија „Рено“ и стана втора најголема групација во автомобилската индустрија во Европа. Првото место сè уште е резервирано за „Волксваген“.
„Горди сме што ги здруживме силите со ‘Опел’ и со ‘Воксол’ и се обврзавме дека ќе продолжиме да работиме на развојот на овие брендови“, изјави првиот човек на групацијата „ПСА“, Карлос Таварес.
Француската Влада поседува 14 отсто од акциите на „ПСА“, но досега Владата не се огласи по повод купувањето на „Oпел“.
Германските медиуми јавуваат дека промената во сопственичката структура е логичен избор бидејќи „Опел“ како членка на групацијата „Џенерал моторс“, во изминатите 17 години бележеше негативни деловни резултати и не ги оствари зацртаните цели.