Bekim Laci
23 Мај 2018•Ажурирај: 24 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - Стопанската Комора на Северозападна Македонија во соработка со Фондот за иновации и технолошки развој организираше инфосесија во врска со отворениот јавен повик за поднесување предлог-проекти во рамки на столб 3 од Планот за економски раст на Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, истакна дека Планот е објавен на 28 април, и дека моментално се во фаза на интензивни консултации со сите стопански комори во земјата.
Деспотовски нагласи дека заинтересираноста на компаниите е многу висока, за која покажува бројот од 320 големи, средни и мали компании, кои веќе го зеле пакетот за аплицирање.
„Очекувам дека до истекот на крајниот рок, а тоа е 11 јуни, ќе имаме голем број компании кои ќе се пријават и кои ќе се изразат за користење на можностите што ги нуди Планот за економски раст. Вкупниот обем на средства за оваа година којшто е одвоен од страна на Владата и којшто ќе го реализира Фондот за иновации и технолошки развој е 645 милиони денари. Иако планиравме средствата да ги доделиме во три повици, очекувам, според интересот којшто го имаме, дека веќе со првиот повик поголем дел од овие средства, ако не и сите, ќе бидат доделени на компаниите“, рече Деспотовски, кој истакна дека стопанските комори ќе бидат вклучени во целиот процес на оценување на компаниите кои аплицирале.
Директорот на Стопанската комора на Северозападна Македонија, Дрилон Исени, нагласи дека свикале состанок со Деспотовски, со цел да ги информираат компаниите членки на нивната Комора околу процедурите и законската регулатива околу тоа како полесно да стигнат до предвидените финансии во рамките на столб 3 од Планот за економски раст на Владата.
„Ние со целиот потенцијал што го имаме и во соработка со државните институции ќе направиме сè за да има што поквалитетни аплицирања, за на тој начин нашите компании да заработат од овие средства кои се многу потребни во ова време. Ќе се вклучиме и во наредните фази на реализирање на овој столб. Посакувам да нема одложувања, и сè да оди според тоа што е предвидено“, рече Исени.
Условите за аплицирање, како и критериумите според кои ќе биде направен изборот, беа презентирани од Деспотовски.
Во овој разговор беа откриени проблемите со кои се соочуваат компаниите за време на пополнувањето на апликациите, како и за другите процедури за аплицирање, кои ќе треба да се подобрат за да се направи тоа да биде успешно.