Şeyma Erkul Dayanç
04 Мај 2026•Ажурирај: 04 Мај 2026
Ризикот од недостиг на гориво во Швајцарија е „многу висок“, изјави генералната секретарка на швајцарското здружение за трговија со стоки „Свиснегос“, која денес предупреди дека состојбата на глобалните енергетски пазари станува сè понапната, јави СвисИнфо, пренесува Анадолу.
„Да бидам искрена, ситуацијата навистина станува комплицирана”, изјави Флоренс Шурч за весниците на француски јазик „Трибјун де Женев“ и „24 ер“.
Таа истакна дека загриженоста започнала уште во март, кога здружението предупреди дека стратегиските резерви во неколку земји, вклучувајќи ги Филипините, Виетнам и Бангладеш, би можеле да почнат да се празнат во текот на овој месец.
Во однос на снабдувањето со гас, Шурч ја опиша ситуацијата како „сериозна“, велејќи дека резервите кои вообичаено се акумулираат во текот на летото може да се покажат како недоволни. Како една од причините таа го наведе уништувањето рафинерија во Катар, за која смета дека е мала веројатноста да биде обновена во скоро време.
Шурч исто така предвиде нагло зголемување на цените на храната на глобално ниво, иако истакна дека влијанието врз Швајцарија веројатно ќе остане поограничено во споредба со другите земји.
Таа истакна дека Швајцарија ги чува своите резерви на гас во странство, особено во Германија и Франција, предупредувајќи дека таквата зависност би можела да стане проблематична во периоди на криза.
„Искуството со КОВИД нè научи дека во вонредни ситуации меѓународната поддршка може да потфрли“, изјави таа, потсетувајќи на блокираните пратки со заштитни маски за време на пандемијата.
Шурч рече дека Швајцарија располага со само една рафинерија за нафта, која покрива околу 20 отсто од националните потреби, додавајќи дека федералната влада е веројатно подготвена да плати повисоки цени доколку е потребно за да го осигури снабдувањето со енергенси.
Иран го затвори Ормускиот Теснец откако САД и Израел започнаа војна против Техеран на 28 февруари. Соединетите Американски Држави подоцна воведоа сопствена блокада на иранските пристаништа, која сè уште е на сила.
Речиси една петтина од глобалниот проток на нафта и течен природен гас поминува низ овој стратегиски воден пат.
Иако во моментов е на сила прекин на огнот, поморскиот сообраќај во оваа област и понатаму е под силни ограничувања.