Senada İbraimova
18 Април 2017•Ажурирај: 19 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) – Стопанската комора на Македонија одржа прес-конференција на темата „Стабилност на пазарот на осигурување и грижа за осигурениците и корисниците на осигурувањето“, јавува Anadolu Agency (AA).
Потпретседателката на Здружението на осигурувањето при Стопанска комора на Македонија, Весна Ѓорчева, во своето обраќање нагласи дека и покрај политичката криза, според официјално објавените показатели за 2016 година за осигурителната индустрија, се потврдува дека осигурителниот пазар е стабилен, со забележлива развојна компонента.
„Нема промена во бројот на осигурителните друштва во изминатата 2016 година. Тие остануваат единаесет по број за неживотно осигурување, четири друштва кои продаваат полиси за животно осигурување се на пазарот. Меѓутоа, бројот на брокерски друштва за посредување во осигурувањето во 2016 година порасна на 34, а агенции за застапување има 14“, изјави Ѓорчева. Таа додаде дека на овие канали за осигурување им се приклучуваат и деловните банки, чијшто број во 2016 година изнесува три, а како што рече Ѓорчева, во 2017 година се очекува овој број да расте.
Таа нагласи дека новиот Закон за осигурување, на кој започна да работи Министерството за финансии во 2016 година, е од големо значење за осигурителната индустрија. Притоа пренесе дека Здружението на осигурување формираше работна група од експерти од осигурителните компании, кои ќе бидат во тек со подготвувањето на законот. Според неа, на овој начин, оваа работна група ќе придонесе да се создаде законска рамка којашто ќе кореспондира со потребите на осигурителната дејност.
Климе Попоски, претседател на Советот за експерти при Агенцијата за супервизија на осигурувањето, меѓу другото истакна дека една од најзначајните класи на осигурување, покрај задолжителното осигурување од авто-одговорност, е имотното осигурување во делот на неживотното осигурување.
„Кај оваа класа на осигурување се забележува пад од 5,14% во однос на бруто полисираната премија, меѓутоа со истовремен пораст на бројот на склучени договори од 11,65%, што е показател за изразена ценовна конкуренција меѓу друштвата за осигурување, што пак доведува до зголемен број на продадени полиси, да биде реализиран со пониски цени во однос на претходната година“, изјави Попоски.
Тој пренесе дека кај физичките лица порастот за склучени договори за осигурување на имот изнесува 13,77%, а кај правните лица овој пораст изнесува 6,42%. Притоа, тој нагласи дека маркантно раздвижување се забележува во делот на осигурување на имот од катастрофални последици.
„Во сегментот на осигурување од поплава, вкупниот број на продадени договори за осигурување е 17.064, што претставува зголемување во однос на ризикот од поплави од 2015 година, кога биле продадени само 8.932 полиси“, рече Попоски, притоа истакна дека посебен пораст во склучените договори од ваков вид се забележува кај физичките лица, односно, како што вели тој, во 2016 година биле продадени 14.307 договори на физички лица, од вкупно продадените.
Ова се должи на катастрофалната поплава што го зафати Скопје и околината минатата година, смета тој.
Попоски, исто така, додаде дека пораст е забележан и кај продадените договори за осигурување од ризик земјотрес.