Amir Latif Arain
27 Април 2026•Ажурирај: 27 Април 2026
Кина денес изјави дека Законот за индустриски акцелератор на ЕУ поставува „сериозни” бариери за инвестициите, а наедно претставува и „институционална дискриминација”, предупредувајќи дека Пекинг ќе преземе контрамерки за „цврсто“ да ги заштити своите „легитимни права и интереси“, пренесува Анадолу.
Портпаролот на кинеското Министерство за трговија изјави дека законот наметнува голем број ограничувачки правила за странските инвестиции во четири стратегиски индустрии во подем, како што се индустриите за батерии, електрични возила, фотоволтаични системи и критични суровини, а вклучува и клаузули кои ја фаворизираат стоката која е со потекло од ЕУ во јавните набавки и политиките за државна поддршка, објави државната новинска агенција Синхуа.
Законот за индустриски акцелератор (ИАА), кој е претставен во март, има цел да го зголеми домашното производство во рамките на ЕУ, зајакнувајќи ја нејзината индустриска база во услови на растечка „нелојална глобална конкуренција“ и зголемена зависност од набавувачи надвор од Унијата во стратегиските сектори.
Пекинг упати официјален допис до Европската комисија, во кој ги изрази својот „став и сериозната загриженост” во поглед на законот.
Во дописот Кина тврди дека законот не само што претставува дискриминација на кинеските инвеститори, туку и ќе ја забави зелената транзиција на ЕУ и ќе ја наруши фер конкуренцијата на европскиот пазар.
Пекинг ја повика ЕУ од законот да ги отстрани дискриминаторските клаузули за странските инвеститори, барањата за локално потекло на производите, задолжителниот пренос на интелектуална сопственост и технологија, како и ограничувањата во јавните набавки.
Портпаролот изјави дека Кина е подготвена да се вклучи во дијалог со ЕУ во врска со ова прашање.
„Сепак, доколку ЕУ не ги земе предвид забелешките на Кина и ја усвои легислативата на штета на интересите на кинеските компании, Кина ќе преземе контрамерки за цврсто да ги заштити легитимните права и интереси на кинеските компании“, изјави портпаролот.