Şahin Demir
20 Август 2026•Ажурирано: 20 Август 2026
Гувернерот на Централната банка на Иран соопшти дека извозот на нафта на земјата паднал на нула поради војната и санкциите, но дека властите направиле подготовки за справување со загубата на приходи, јавува Анадолу.
„Нема сомнеж дека се соочуваме со ограничувања во извозот на нафта. Разговарав и со Ирачаните и Катарците; нивните приходи од продажбата на нафта паднаа на нула. Истото се случи и со нас и реалност е дека не извезуваме нафта“, изјави Абдолнасер Хемати во телевизиско интервју.
Тој рече дека Владата и Централната банка ги направиле потребните подготовки за ваква ситуација.
Хемати изјави дека разликата меѓу Иран, од една страна, и Ирак и Катар, од друга, е тоа што последните две земји имаат пристап до резервите на нивните централни банки, додека иранските девизни резерви се блокирани од САД.
„Американците ги замрзнаа нашите девизни резерви и не ни дозволуваат да ги повлечеме“, рече тој.
Ирак, како главен трговски партнер, исто така го чувствува притисокот поради затворањето на Ормускиот Теснец и нарушувањата на приходите од нафта
Хемати исто така рече дека иранските средства што се очекуваше да бидат ослободени согласно со рамковниот мировен договор што Техеран го постигна со Вашингтон во јуни – Меморандумот од Исламабад, кој требаше да го отвори патот за конечен договор што сѐ уште не е постигнат – допрва треба да бидат ослободени.
„Прашањето за договорот од Исламабад и ослободувањето на средствата е одвоено прашање. Средствата што требаше да бидат ослободени согласно со овој договор сѐ уште не се ослободени“, рече тој.
Осврнувајќи се на неговата неодамнешна посета на Ирак, Хемати рече дека Иран има силни политички и економски односи со својот сосед.
„Пред војната, Иран годишно извезуваше стоки и услуги во вредност од 12 милијарди долари во Ирак, од кои 4 милијарди долари се однесуваа на ирачката Влада, како што се гасот и електричната енергија, додека 8 милијарди долари беа поврзани со приватниот сектор“, рече тој.
Хемати изјави дека Ирак се обврзал да ги исплати заостанатите средства што му ги должи на Иран, истакнувајќи дека и Багдад се соочува со тешкотии поради затворањето на Ормускиот Теснец и намалените приходи од нафта.
Тој рече дека се одржани разговори за олеснување на трансферот и користењето на иранските средства депонирани во ирачка банка, додавајќи дека Техеран очекува подобрувања.
Хемати исто така рече дека за време на средбата со ирачкиот премиер, двете страни се согласиле да работат на користење на средствата во Трговската банка на Ирак за обезбедување гаранции за иранските изведувачи што работат во Ирак.
„Ирачкиот премиер го одобри предлогот и издаде инструкции за олеснување на мерката“, додаде тој.
Американските санкции долго време се насочени кон извозот на иранска нафта и пристапот на земјата до меѓународните финансиски канали, при што Вашингтон настојува да го ограничи главниот извор на девизни приходи на Техеран.
Хемати ги даде овие изјави во услови на обновени воени тензии меѓу Иран и САД, по пропаѓањето на договорените аранжмани согласно со рамковниот договор од јуни и продолжувањето на непријателствата меѓу двете страни.