Mücahithan Avcıoğlu
05 Мај 2026•Ажурирај: 05 Мај 2026
Воените операции на повеќе фронтови и зголемените барања за одбрана вршат силен притисок врз јавните финансии и го туркаат Израел во сериозна финансиска криза, објави денес „Инет њуз”, онлајн издание на израелскиот весник „Једиот Ахронот”, пренесува Анадолу.
„Инет њуз”, повикувајќи се на анализа на „Калкалист”, објави дека Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху вложува огромни напори да ги контролира воените трошоци по нападите на 7 октомври 2023 година. Ситуацијата е критична поради предложениот план за одбрана тежок 95 милијарди долари, додека континуираните воени операции ги зголемуваат стравувањата од уште поголем државен долг и разнишана финансиска стабилност.
Во веста се открива дека доверливиот документ на Нетанјаху, насловен „Доктрина и насоки за политиката за 2025-2026 година“, подготвен кон крајот на 2025 година, целосно ја промени безбедносната стратегија на земјата. Со овој документ, на војската ѝ е дадена директна наредба да се подготви за војување на повеќе фронтови и различни сценарија истовремено.
Според анализата, овој документ практично е претворен во отворен список за набавки, при што се известува дека премиерот Нетанјаху, без исклучок, го одобрил секое поединечно барање на војската.
Претставниците на одбраната проценуваат дека најсеопфатната интерпретација на оваа политика што ја бара Нетанјаху би чинело околу 800 милијарди шекели (271 милијарда долари).
Подоцна на Нетанјаху му биле презентирани два алтернативни плана: едниот во вредност од 152,6 милијарди долари, а другиот од 84,8 милијарди долари.
По преговорите меѓу министерствата за финансии и за одбрана, конечно е постигнат компромис: договорена е опција во вредност од 94,5 милијарди долари, кој ќе се реализира во период од 10 години, се вели во веста.
Дел од овој план, кој вклучува набавка на две нови ескадрили за военото воздухопловство, е официјално одобрен во неделата од Комисијата за јавни набавки.
Економските последици од овој план се „драматични“, се вели во веста, истакнувајќи дека гувернерот на Централната банка на Израел, Амир Јарон, веќе изјавил дека земјата се движи по патека на постојан раст на долгот.
Со планот вреден 118,7 милијарди долари и напорите за намалување на зависноста на Израел од американска помош, се предвидува дека односот меѓу јавниот долг на Израел со БДП ќе достигне 83 отсто до 2035 година, се наведува во веста.
Проекцијата се заснова врз претпоставката дека војната ќе заврши набрзо. Сепак, во веста се нагласува дека кон оваа претпоставка треба да се пристапи со голема доза на скептицизам, со оглед на тоа што слични очекувања постојано се појавуваат уште од почетокот на 2024 година.
Се предупредува дека продолжувањето на војната би имало значително потешки последици врз животниот стандард, што вклучува човечки жртви и психички трауми, огромни трошоци за деновите поминати во резервен состав, како и пообемна штета врз економијата и државната каса.
Во веста се укажува на длабок институционален раздор меѓу Министерството за финансии и Министерството за одбрана во однос на буџетот. Имено, одбраната бара дополнителни 30 милијарди шекели (околу 10 милијарди долари) за 2026 година, кои воопшто не се поврзани со трошоците за војната.
Во декември 2025 година двете министерства постигнаа консензус за буџет за одбраната во висина од 37,6 милијарди долари, со дополнителна одредба за последователен трансфер на уште 1,3 милијарди долари, додека барањето на Министерството за одбрана изнесува речиси 48,85 милијарди долари.
По војната, буџетската рамка е ставена под ревизија при што дополнителни 2,3 милијарди долари се распределени како резервни средства, за чија намена допрва треба да се донесе конечна одлука.