Aysu Biçer
15 Јуни 2026•Ажурирано: 15 Јуни 2026
Британскиот јавен сервис Би-би-си се очекува следната недела да најави стотици отпуштања во својот сектор за вести, како дел од сеопфатниот план за намалување на трошоците, кој во иднина може да елиминира околу 2.000 работни места во целата медиумска куќа, објави „Фајненшл тајмс“, пренесува Анадолу.
Според плановите, на секторите во британскиот јавен сервис им било наложено да ги намалат трошоците за околу 10% бидејќи Би-би-си се стреми да заштеди стотици милиони фунти, се наведува од медиумот.
Се очекува секторот за вести да биде прв дел од организацијата што ќе ги претстави своите предлози, при што луѓе запознаени со процесот велат дека се соочуваат со веројатно губење на стотици работни места.
Се очекува кратењата да влијаат врз радиоемисиите, а извори за „Фајненшл тајмс“ изјавија дека влијанието би можело да биде забележливо за публиката во сите услуги на Би-би-си.
Секторот за вести на Би-би-си, кој обезбедува содржина за телевизија, радио, дигитални платформи и регионални медиуми, вработува околу една четвртина од вкупниот кадар на корпорацијата, кој има повеќе од 20.000 вработени.
Упатен извор објасни дека секторот за вести ќе претрпи најмногу отпуштања бидејќи речиси сите нивни пари одат на плати за вработените, па затоа нема друг начин да се направат големи заштеди.
За другите тимови, како што е продукцијата на содржини, се очекува полесно да најдат заштеди преку намалување на трошоците што не се поврзани со персоналот.
Покрај отпуштањата, Би-би-си воведе и построги контроли за нови вработувања и службени патувања. Исто така, скратени се и трошоците за надворешни консултанти, конференции, награди и други настани.