Husameddin Gina
06 Февруари 2019•Ажурирај: 07 Февруари 2019
СКОПЈЕ (AA) – „Ви честитам што ставивте крај на еден процес со овој Протокол за пристапување кон НАТО. Сега очекуваме овој процес на реализација на Протоколот да протече беспрекорно, а Канцеларијата на НАТО е тука за да ве советува, да ве поддржува сè до крајниот момент“, рече шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија, Зоран Јанковиќ, веднаш по потпишувањето на Протоколот за прием на Македонија во НАТО, во Брисел, јавува Anadolu Agency (AA).
Јанковиќ заедно со заменик-министерот за надворешни работи, Андреј Жерновски, и министерот без ресор во Владата на Република Македонија задолжен за дијаспора, Едмонд Адеми, ја следеше во Медиа центарот на Владата церемонијата во Брисел.
„Ви честитам што ставивте крај на еден процес со овој Протокол за пристапување кон НАТО. Сега очекуваме овој процес на реализација на Протоколот да протече беспрекорно, а Канцеларијата на НАТО е тука за да ве советува, да ве поддржува сè до крајниот момент, кога ќе станете членка на Алијансата, што ќе биде еден малку подолг интегративен процес“, нагласи шефот на Канцеларијата на НАТО во Македонија, Зоран Јанковиќ.
Тој, исто така, истакна дека секако тука останува програмата за реформи што треба да ја следи Македонија.
Веднаш по потпишувањето на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО на редовна прес-конференција се обратија и портпаролите на Владата, Миле Бошњаковски и Мухамед Хоџа.
Миле Бошњаковски, нагласувајќи дека денешниот ден е еден од оние денови кои веќе се дел од модерната историја и како таков ќе биде составен дел од историските учебници, во име на Владата им се заблагодари на сите етнички заедници кои живеат во Македонија.
„Владата им се заблагодарува на сите граѓани на нашата земја од сите етнички заедници, македонскиот народ, албанскиот, турскиот, припадниците на бошњачкиот, српскиот народ, Ромите, Власите и на сите други ви се заблагодаруваме на мудроста и трпеливоста која трае цели 25 години“, рече Бошњаковски.
Владата, исто така, јавно им се заблагодари на сите поранешни политички субјекти на кои членството во НАТО им беше врвен приоритет од национален интерес во изминатите години.