Stipe Mayiç
20 Јануари 2017•Ажурирај: 21 Јануари 2017
ЗАГРЕБ (АА) - Поради игнорирање на предупредувањата упатени од претседавачот на Парламентот, Жељко Рајнер и одбивањето да ја напуштат Конгресната сала, стражата на Парламентот ги изнесе од салата пратениците на „Жив ѕид“, Иван Пернар и Иван Вилибор Синчиќ, јавува Anadolu Agency (AA).
Тема на денешната дискусија на која се случи досега невиден инцидент во хрватскиот Парламент, во кој двајца пратеници се изнесени надвор, беше укинување на имунитетот на пратениците на „Мост“, Божо Петров и Мира Буља по приватната тужба на Томислав Карамарко поради клевета.
Одборот за укинување на имунитетот одби да им го укине имунитетот на овие пратеници, кои минатата година, еден месец пред изборите, како што тврди адвокатот на Карамарко, за новинарите изјавиле дека Карамарко е сменет поради криминални работи.
Кога претседавачот Рајнер упати опомена до Иван Вилибор Синчиќ за излегување надвор од темата за укинување на пратеничкиот имунитет на споменатите пратеници, Иван Пернар започна да дофрла.
По изречената опомена, а потоа и налог Пернар да ја напушти Конгресната сала, тој одби да го направи тоа, така што интервенираше парламентарната гарда, која го изнесе во ходникот.
„Вака се управува во Хрватскиот парламент. Ова е нивната политика на слобода и демократија. Ова е нивната политика на ЕУ и човековите права за кои се залага Пленковиќ“, рече Пернар додека го изнесуваа.
По инцидентот, Пернар изјави дека Рајнер е нетолерантен и се води со насилство и сила, како и дека не ги почитува основните елементи на културата.
„Ако кажете нешто што нему не му се допаѓа, тој ви го одзема зборот и ја повикува парламентарната гарда“, изјави Пернар.
По Пернар, од салата е изнесен и Синчиќ.
Иван Вилибор Синчиќ изјави дека 15 минути, колку што имал на располагање, сакал да зборува за сите наводни афери во кои се актерите Томислав Карамарко и Божидар Калмет од ХДЗ, како и за аферата Соболи и аферата Автопат.
Заменик-претседателот на Парламентот, претседавач за време на инцидентот, Жељко Рајнер од ХДЗ потоа изјави дека дејствувал исклучиво во согласност со Деловникот за работа, како и дека овој инцидент го руши угледот на Собранието, но порача дека Собранието не смее да се претвори во судница.
Претседавачот на Парламентот, Рајнер оцени дека ова е уште еден од начините на кои Пернар и екипата од Жив ѕид го привлекуваат вниманието на јавноста кон себе.