Agim Sulaj
17 Октомври 2023•Ажурирај: 18 Октомври 2023
ПРИШТИНА (АА) – Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, со свечена церемонија го пречека министерот за национална одбрана на Република Туркије, Јашар Ѓулер, кој е во официјална посета на Косово, јавува Анадолу.
По средбата, двајцата министри одржаа прес-конференција на која високо беа оценети односите меѓу двете земји во областа на одбраната.
Министерот за одбрана на Косово, Ејуп Маќедонци, рече дека Туркије била и останува стратешки партнер на Косово.
Тој нагласи дека соработката меѓу Косово и Туркије е изградена врз силни столбови на принципи и меѓусебна доверба и како таква треба да продолжи да се продлабочува.

„Во овој аспект, со особен акцент, побарав од министерот Ѓулер поддршка за членството на Република Косово во програмата Партнерство за мир и ја истакнав важноста на членството во НАТО како пат кој гарантира стабилност на Западен Балкан“, додаде Маќедонци.
Тој, исто така, ѝ се заблагодари на Туркије за поддршката во текот на фазите на развојот на косовската Армија и за реализацијата на договорите за набавка на воена опрема, што според него, „ги задоволило нивните потреби за снабдување дефинирани според нивните цели“.
Министерот за национална одбрана на Република Туркије, Јашар Ѓулер, ги пренесе поздравите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, оценувајќи дека односите со Косово, како партнер на Балканот, продолжуваат да бидат многу стабилни во сите области.

Ѓулер истакна дека посетите и средбите на високо ниво придонесуваат за натамошно продлабочување на братските односи и стратешката соработка меѓу Косово и Туркије.
„Го поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово, унијата со евроатлантските институции, како и членството во меѓународните организации. Во овој контекст, имавме многу корисен и позитивен разговор со министерот. Го истакнавме фактот дека почнувајќи од Косово, мирот и безбедноста на Балканот ни е од големо значење“, додаде Ѓулер.
Тој нагласи дека дијалогот е единствениот пат за долгорочен мир и стабилност во овој регион.
„Ова е подвлечено со фактот дека ја презедовме задачата на командата на КФОР, која сакаме да ја извршиме со целосна неутралност и транспарентност“, рече тој.
Ѓулер истакна дека конкретните чекори што ги презема Косово против терористичката организација ФЕТО, која е опасност и за Косово, уште повеќе ќе ја зголемат соработката и пријателството меѓу двете земји.

Турскиот министер Ѓулер се состана и со командантот на Косовските безбедносни сили, генерал-потполковник Башким Јашари, а во текот на денот ќе се сретне и со претседателката Вјоса Османи.