Zylfije Adem Jakupi
04 Јуни 2022•Ажурирај: 06 Јуни 2022
Агим СУЛАЈ, подготви Зулфија ЈАКУПИ
ПРИШТИНА (АА) - Тројца украински новинари кои од војната во Украина се засолнија во Приштина, го продолжуваат својот живот меѓу адаптацијата во главниот град на Косово и постојаната грижа за судбината на својата земја, пишува Агенција Анадолија (АА).
Људмила Макеј пристигна во Косово на 17 април, додека Људмила Мекхин и Серхиј Шевченко прво се венчале, па пристигнале во Приштина на 22 мај. Тие ќе продолжат да пишуваат за актуелностите поврзани со војната во Украина, но од просториите на Здружението на новинари на Косово во Приштина.
Покрај местото за работа, Владата на Косово и станбено ги згрижи новинарите од Украина и им обезбеди плата од 500 евра за период до 6 месеци. Косовската Влада го предвиде тоа за вкупно 20 украински новинари, издвојувајќи фонд од 150.000 евра.

За Људмила Макеј, која пишува за интернет-страницата на Сојузот на новинари на Украина, најтежок момент бил првиот ден од нападот на Русија на Украина. Таа истакнува дека и сега кога е на безбедно место, со страв секое утро ги чита вестите за својата земја.
„Никогаш нема да го заборавам тоа утро на 24 февруари кога го чув звукот на ракета. Беше 5 часот наутро кога сите спиеја и никогаш нема да ги заборавам очите на моето куче кое беше тажно поради сирените за бомбардирање. Моето семејство е многу психички уништено од војната и членовите на моето семејство не се само во Украина, туку и во Словачка, Германија и ние сме во контакт секој ден. Главна вест е да се чуе дека се добро, но тоа никогаш не е сигурно, бидејќи секој ден Украина се бомбардира, населението е поробено и изложено на физичко и сексуално насилство“, зборува Макеј, чии ќерки и понатаму се во Украина.

Синот на Људмила Мекхин, која во Косово дојде од Финска со сопругот Шевченко, и понатаму е во Киев, каде ѝ се приклучил на украинската Војска. Таа вели дека и понатаму секој ден е во новинарската професија и со колегите разменува и шири информации за актуелните случувања во Украина.
„Во Киев сè уште се наоѓа нашиот син и го контактираме секој ден. Ние, како професионални новинари, навикнати сме секој ден да имаме некои вистински информации и да ги делиме едни со други. Значи, секогаш сме активни. Преку доверливи медиуми добиваме вистински и ажурирани информации од претседателот Владимир Зеленски, од фронтот и од војската“, нагласи Мекхин.
Нејзиниот сопруг Серхиј Шевченко, освен што е новинар, се занимава и со пишување и публикација, а пишува главно за историските теми во врска со реперкусиите што се случиле во Украина пред 100 години. Серхиј ја забележал сличноста на сегашната војна со реперкусиите од пред 100 години.
Шевченко се заблагодарува на поддршката што ѝ се дава на Украина од голем број земји, и нагласи дека нивната земја во моментов е и борец и ѕид за одбраната на Европа.
„Многу сме им благодарни на сите земји кои ни помагаат, на Турција за дроновите Бајрактар, на Европа за сета воена помош и сметам дека Украина денес е ѕид и борец за заштита на демократијата во цела Европа“, порача Шевченко.
Новинарите напоменуваат дека Украина, кога ќе си замине и последниот руски војник, ќе се занимава со реконструкција на земјата и сметаат дека нивната држава заслужува свое место во Европската Унија.

Владата на Косово по избувнувањето на војната во Украина, на 1 март донесе одлука да биде домаќин на 20 новинари од оваа земја во рамките на програмата „Новинари на престој во Косово“.
На украинските новинари покрај сместување и плата, обезбедени им се здравствени и психолошки услуги, како и курсеви на албански јазик и интеграција, а благодарение на Здружението на новинари на Косово и медиумските куќи во земјата, обезбедени им се канцеларии и редакции во кои работат.
Изборот на новинари го врши Европската федерација на новинари и Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите.