Admir Fazlagic
31 Март 2021•Ажурирај: 31 Март 2021
СКОПЈЕ
Претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски денеска прими претставници на Сојузот на турски невладини организации во Македонија – МАТУСИТЕБ, што во себе обединува 60 невладини организации кои ја претставуваат турската заедница во Република Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопштија од кабинетот на претседателот, на средбата претставниците на МАТУСИТЕБ ја претставија работата и севкупните активности на организацијата во однос на зачувувањето и промовирањето на националниот и културен идентитет на турската заедница во нашата држава.
„Претставниците на МАТУСИТЕБ го информираа претседателот Пендаровски за формирањето и активностите на Националното координативно тело за пописот на турскиот народ во Република Северна Македонија, како и за нивните заложби за спроведување успешен попис", се вели во соопштението.
Се додава дека претседателот Пендаровски изрази поддршка на напорите на организацијата за соодветна и правична застапеност во пописните комисии, а со цел резултатите од овој процес да ја дадат реалната слика на теренот.