Zlatan Kapic
12 Јуни 2026•Ажурирано: 12 Јуни 2026
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес во Белград се состана со министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, со кого разговараше за понатамошно зајакнување на билатералните односи, европската перспектива на регионот, како и за зачувување на мирот и стабилноста на Западен Балкан, пренесува Анадолу.
„Имавме срдечен и конструктивен разговор за понатамошно зајакнување на односите меѓу Србија и Грција, европската перспектива на регионот, зачувувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан, како и за предизвиците со кои се соочуваме во сложени геополитички околности“, наведе Вучиќ на Инстаграм.
Тој додаде дека посебно внимание за време на разговорот било посветено на унапредување на соработката во областите на енергетиката, инфраструктурата, трговијата, инвестициите и поврзувањето на двете земји, со оцена дека постојат значајни потенцијали за уште посилно стратегиско партнерство.
Вучиќ ја истакна благодарноста до Грција за континуираната поддршка на европскиот пат на Србија и за разбирањето на ставовите на Белград во врска со клучните државни и национални прашања.
„Исклучително го цениме принципиелниот и доследен однос на Грција кон почитувањето на меѓународното право, територијалниот интегритет и суверенитет на Србија“, рече Вучиќ.
Тој наведе дека средбата е продолжение на отворениот дијалог по разговорите со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, на самитот во Тиват, како и уште една потврда за блиските и пријателски односи меѓу двете земји.