Elena Trenchevska Chekovic
16 Април 2026•Ажурирај: 16 Април 2026
Собранието на Република Северна Македонија на денешната пленарна седница го усвои предлогот за продолжување на кризната состојба на територијата на државата поради продолжениот ризик од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати поради случувањата во светот, јавува Анадолу.
Со одлуката, која претходно доби поддршка и од Комисијата за одбрана и безбедност, кризната состојба се продолжува до 20 јули 2026 година, со почеток на примена од 21 април 2026 година, по објавувањето во „Службен весник“.
Во образложението пратениците се информирани дека продолжувањето на кризата е условено од неповолната меѓународна безбедносна и енергетска состојба по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и сериозните нарушувања во транспортот на сурова нафта, особено преку Ормускиот Теснец, еден од клучните светски енергетски коридори.
Според процената на надлежните институции, по нападите започнати на крајот на февруари годинава и последователното блокирање на поморските патишта, протокот на нафта низ Ормускиот Теснец е значително намален, што создава ризик од глобален недостиг и зголемување на цените, со директни последици и врз пазарот во државата.
Владата веќе презеде низа мерки за ублажување на последиците од кризната состојба, меѓу кои намалување на данокот на додадена вредност за енергентите и намалување на акцизите за дизелот и за безоловните бензини, со цел заштита на стандардот на граѓаните и обезбедување стабилно снабдување.
Со оваа одлука Собранието им дава овластување на Владата и на надлежните институции и во наредниот период да продолжат со координирано менаџирање на состојбата и спроведување мерки за сигурно снабдување со енергенти.