Admir Fazlagic
14 Мај 2021•Ажурирај: 17 Мај 2021
СКОПЈЕ
Словенија дава силна поддршка на процесот на проширување на Европската унија (ЕУ) и почеток на пристапните преговори со Република Северна Македонија, објави словенечкото Министерство за надворешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„На состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ, државниот секретар Гашпер Довжан ја потврди словенечката силна поддршка за процесот на проширување на ЕУ и почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро", објави Министерството за надворешни работи на Словенија на социјалната мрежа Твитер.
Исто така, и претседателот на Словенија Борут Пахор за време на денешната посета на Србија изјави дека мирот и стабилноста на Западен Балкан можат да бидат сочувани единствено со релативно брз влез на сите земји од регионот во Европската Унија.
„Некои чувствителни билатерални прашања меѓу државите во регионот би биле полесно решени или би станале небитни во случај на влез на сите земји во ЕУ во што покус период“, истакна Пахор во Белград.
Словенија од први јули оваа година ќе претседава со Европската Унија.
Потсетуваме, во март минатата година, Советот на ЕУ даде едногласно зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија, а на 17 ноември оваа година Бугарија стави вето на преговарачката рамка на Република Северна Македонија за почеток на пристапните преговори со Европската Унија (ЕУ).
Тогаш, бугарската министерка за надорешни работи Екатерина Захариева, соопштувајќи ја одлуката за вето, изјави дека „држава заснована врз идеологија на непријателство кон Бугарија нема место во ЕУ".