Abdula Berisha
28 Октомври 2019•Ажурирај: 29 Октомври 2019
СКОПЈЕ
Невладината организација „Инклузива“, која е посветена на создавање услови за инклузивно општество преку промовирање на правата на лицата со посебни потреби, пред Државната изборна комисија (ДИК) го презентираше извештајот за претседателските избори што се одржаа на 21 април и 5 мај годинава, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, рече дека тие имаат континуирана соработка со ова здружение во секој изборен циклус, додавајќи дека ја подобриле соработката на претседателските избори.
Тој истакна дека сака да ги слушне забелешките од извештајот на здружението „Инклузива“ за да се подобрат на идните изборни циклуси и за да им се помогне на лицата со посебни потреби да го искористат своето право на глас.
„Државната изборна комисија и понатаму ќе има интенција да ги подобрува условите за поголема инклузивност, односно за поголема вклученост на лицата со посебни потреби, сѐ со цел нивно потполно остварување на правото на глас и нивна потполна вклученост во учеството на сите политички процеси во нашата држава“, рече Деркоски.
Благица Димитровска од невладината организација „Инклузива“ рече дека претседателските избори биле надгледувани од 40 лица со посебни потреби во 23 општини низ целата држава: „Покрај другите можни неправилности, тие ги надгледуваа и условите за лицата со посебни потреби, нивниот пристап до избирачките места, изборните материјали, како и односот на изборните комисии.“
Таа исто така рече дека ја надгледувале изборната кампања и ја анализирале законската рамка, додавајќи дека се потребни бројни измени за изборите да бидат поинклузивни.
„Во изборниот законик нема одредба каде што избирачките места треба да се пристапни, физички пристапни. Во овој извештај произлегува дека на над 80% од гласачките места има скалила пред влезот“, рече Димитровска.
Таа исто така рече дека иако ДИК не е надлежна, бидејќи повеќето избирачки места се во надлежност на локалната самоуправа или на други државни институции, вложи напори со набавка на 134 рампи за лицата со посебни потреби.
Говорејќи за предвремените парламентарни избори закажани за 12 април следната година, претседателот Деркоски рече дека ДИК е подготвена да спроведе избори во зависност од тоа како ќе се договорат политичките партии, без оглед дали изборите ќе се организираат со отворени списоци.