Fatjon Cuka
06 Декември 2022•Ажурирај: 07 Декември 2022
ТИРАНА (АА) - Во рамките на Самитот Европска Унија (ЕУ) - Западен Балкан, во Тирана се потпиша договор за пониски роаминг цени, кој по извесен период предвидува целосно укинување на роаминг тарифите за земјите од Западен Балкан со европските земји, јавува Агенција Анадолија (AA).
Договорот е потпишан во присуство на лидерите на балканските земји, меѓу кои домаќинот, премиерот на Албанија, Еди Рама; премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски; претседателката на Косово, Вјоса Османи; претседателот на Србија, Александар Вучиќ; претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ; претседавачката со Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ; како и претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел.
Со овој договор од идната 2023 година Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и БиХ ќе имаат пониски тарифи во роаминг со земјите од Европската Унија.
Инаку, денес во Тирана се одржува Самитот ЕУ - Западен Балкан, прв самит од ваков вид во регионот.
Главните теми за кои ќе се дискутира на Самитот се справување со последиците од руската агресија врз Украина, интензивирањето на политичкиот ангажман, зајакнувањето на безбедноста против надворешни интервенции, како и справување со предизвиците што ги носи емиграцијата, борбата против тероризмот и организираниот криминал.
По пленарните седници, ќе се одржи прес-конференција на Рама, Фон дер Лајен и Мишел.
Албанската полиција и другите институции од областа на безбедноста презедоа додатни мерки за време на самитот, а ангажирани се и стотици дополнителни полициски сили.