Besar Ademi
22 Февруари 2019•Ажурирај: 22 Февруари 2019
СКОПЈЕ (AA) - Директорот на истражниот затвор „Скопје" Ѓоко Котевски ги потврди денешните инциденти во кои се вмешани поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, кои за време на редовните прошетки на затворениците во затворот имале физички судири со други лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Објаснувајќи ги инцедентите, Котевски рече дека двата немили настани се случиле околу пладне за време на редовна прошетка при што дошло до вербален инцидент помеѓу поранешниот министер Спиро Ристовски и друго лице, кој преминал во лесна физичка пресметка кој веднаш бил прекинат од страна на службите на затворот.
Помалку од еден час потоа, се случил вториот немил настан во кој бил и поранешниот министер Миле Јанакиески. Според Котески, при редовна прошетка дошло до вербален инцидент кој од вербална преминал во физичка пресметка и набрзо е прекинат од затворските служби. Котески рече дека за двата инциденти прибавени се писмени изјави од сите очевидци и известен е надлежниот суд.

„Од дојавата до времето на реакција на помнуваат повеќе од 2-3 минути, многу е брза реакцијата. Постапка за истражување на овој случај веќе започнавме. За многу брзо време ќе имаме целосна слика и за сите оние кои што постапиле спротивно од предвидените протоколи во вакви случаеви и нарпавиле нешто со што ја загрозиле безбедноста на притворените лица ќе биде покрената дисциплинска постапка и истите ќе бидат санкционирани", изјави Котевски.
Како што рече тој, Ристовски не побарал дополнителна медицинска помош, додека Јанакиески се пожалил на болки и бил пренесен во болницата „8 Септември" во Скопје. Котевски информираше дека Јанакиески е донесен од болница и дека првичните информации се дека нема скршеници и се работи за помали повреди.
Потсетуваме, поранешните министри, Јанакиески и Ристовски, заедно со поранешниот претседател на Собранието и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, беа приведени вчера попладне под сомнение за вмешаност во настаните од 27 април 2017 година во Собранието, кога стотици демонстранти, кои насилно влегоа во зградата на Собранието, повредија околу 100 лица, вклучувајќи пратеници, полицајци и медиумски претставници.
Јавното обвинителство соопшти дека на Јанакиески и Ристовски им е одреден 30-дневен притвор и дека се испратени во затворот во Скопје, под сомнение дека би можеле да ја напуштат државата, а Вељаноски по распитот во судот беше ослободен, повикувајќи се на пратеничкиот имунитет.
Попладнево, Кривичниот суд упати барање до Собранието за одземање на имунитетот на пратеникот Вељаноски, а претседателот на Собранието, Талат Џафери, го достави до собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Според Деловникот, комисијата е должна да го разгледа барањето и во рок од два дена да достави извештај до претседателот на Собранието.
По извештајот добиен од Комисијата, Собранието треба да одлучува по барање на Кривичниот суд на пленарна седница, на која ќе се одлучува за одземање на имунитетот на Вељаноски. Одлуката се донесува со просто мнозинство од вкупниот број пратеници.
На барање на Кривичниот суд, актуелниот состав на Собранието донесе одлуката за укинување на имунитетот на седум пратеници, вклучувајќи го и поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство.
Вечерта на 27 април 2017 година, по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието од страна на парламентарното мнозинство, во хаотична ситуација, демонстрантите предводени од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, протестирааа пред зградата на Собранието, а потоа насилно влегоа во собраниската зграда.
За насилните настани во Собранието се водат судски постапки за десетици луѓе, вклучувајќи и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, меѓу кои се и Вељаноски, Јанакиески и Ристовски.