Admir Fazlagic
01 Ноември 2018•Ажурирај: 03 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Со свечена церемонија вечерва на „Меѓународниот аеродром Скопје" беше пречекан директниот лет од Атина до Скопје, со што по пауза од 14 години повторно се воспоставува директна авиолинија помеѓу двата главни града на Македонија и Грција, јавува Anadolu Agency (AA).
Првиот лет започна од Меѓународниот аеродром „Елефтериос Венизелос" во Атина до „Меѓународниот аеродром Скопје", кој е реализиран од страна на грчката авио компанија „Aegean Airlines", со воздухоплов од типот„ Bombardier DH4" со 78 седишта.
Директната линија ќе сообраќа во текот на целата година, два дена во неделата, односно секој вторник и четврток.
На свеченоста по повод првиот лет Атина-Скопје, присуствуваа вицепремиерот на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, министерот за транспорт и врски на Македонија, Горан Сугарески, генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, како и Панос Николаидис директор за земски операции во „Aegean Airlines".
Вицепремиерот Османи по слетувањето во Скопје во изјава за медиумите рече дека имал привилегија да биде првиот патник на авионската конекција помеѓу Атина и Скопје која, како што рече, на најдобар симболичен начин го означува затоплувањето на односите на овие две соседни држави на ниво на стратешко партнерство.
Османи претходно денеска со службено возило отпатува за Атина, каде престојуваше во официјална посета, во рамките на која се состана со вршителот на должноста министер за надворешни работи на Грција, Џорџ Катругалос. Вицепремиерот Османи истакна дека летот помеѓу двата главни града на Македонија и Грција е практична корист за развивање на бизнисот и на конекциите помеѓу компаниите, што според него е главната цел на сите политики на затоплување на односите на двете земји.
„Јас денеска имав можност во Атина да се видам со вршителот на должноста министер за надворешни работи на Грција, Катругалос, со кој зборувавме за конкретни теми од политички аспект, но и во делот на ЕУ. Заеднички дојдовме и до аеродромот каде што и симболично го започнавме тргнувањето директно за Скопје и комуникацијата која очекувам дека ќе биде поголема и поконкрента", рече Османи.
Министерот Сугарески во изјава за медиумите потенцираше дека во изминатиот период се воспоставија многу авиолинии што според него е многу важен фактор и за бизнис сектори за македонските граѓани.
„Воспоставувањето на линијата Скопје-Атина ќе биде од огромно значење од огромно значење и бизнис секторот и за македонските и за грчките граѓани", рече Сугарески.
Генералниот директор на ТАВ Македонија, Алпер Ерсој, рече дека имаат чест да посакаат добредојде на летот Атина - Скопје кој по 14 години повторно се воспоставува. Ерсој потенцираше дека се среќни што ја додаваат Атина на долгата листа со градови коишто се поврзани со директни летови од Скопје. Тој изрази уверување дека ова понатаму ќе придонесе за развивање и за подобрување на економските односи меѓу двете земји.
Во 2004 година грчка авиокомапнија ги прекина летовите кон Скопје и обратно, кога меѓу двете земји се влошија односите поради поранешниот назив на аеродромот во Скопје. Во рамките на разговорите меѓу двете соседни земји, Македонија во месец март оваа година го смени името на ародромот од „Александар Велики" во „Меѓународен аеродром Скопје".
Инаку, по промена на Владата во Македонија, во декември во 2016 година односите меѓу Македонија и Грција значително се подобрија особено по потпишување на Договорот за решавње на спорот за името меѓу владите на двете земји, според кој се предвидени уставни промени, вклучувајќи и промена на името на државта во Република Северна Македонија.