Dildar Baykan Atalay
23 Јуни 2026•Ажурирано: 23 Јуни 2026
Премиерот на Пакистан, Шехбаз Шариф, осврнувајќи се на меморандумот за разбирање потпишан меѓу САД и Иран, изјави дека во него не се опфатени балистичките ракети, кои никогаш не биле „на маса“ и на дневен ред, а иранската страна никогаш не сакала да дискутира за тоа, пренесува Анадолу.
Шариф зборуваше на состанокот на делегациите во рамките на посетата на иранскиот претседател Масуд Пезешкијан на Пакистан.
Осврнувајќи се на договорот потпишан меѓу САД и Иран со посредство на Пакистан, Шариф повтори дека „Меморандумот од Исламабад не ги вклучува балистичките ракети. Тие никогаш не биле на маса, никогаш не биле на дневен ред и иранската страна никогаш не сакала да дискутира за тоа“.
Шариф рече дека во светот постојат актери што се обидуваат да го саботираат овој договор, додавајќи дека „не сакаат Иранците повторно да се издигнат од пепелта и да го достигнат врвот на својата слава“.
Зборувајќи за прашањето за балистичките ракети, тој истакна дека „мора да биде јасно дека не може да има двојни стандарди“.
„Не може да се каже дека некои земји може да имаат балистички ракети, а Иран не може. Таква хипокризија не може да се прифати“, рече Шариф.
Исто така, тој ја истакна улогата на пакистанските претставници во процесот на потпишување на договорот и им се заблагодари на Катар, Саудиска Арабија, Турција и Египет за нивната поддршка.
„Пакистан ќе продолжи со својата посредничка улога сè до постигнување траен мир, во услови што ги почитуваат честа и достоинството“, рече тој.