Husamedin Gina
18 Март 2019•Ажурирај: 19 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Со новиот Правилник за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, подготовките од месо и производите од месо, кој ќе стапи на сила од 1 мај, месарите и месопроизводителите задолжително ќе треба да го декларираат потеклото на месото, содржината на вода во месото и содржината на вкупните протеини во месото, јавува Anadolu Agency (AA).
На денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија, Зоран Атанасов, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, претседателот на Групацијата за преработка на месо и производство на сувомесни производи при Стопанската комора на Македонија, Гоце Трајчев, и претседателот на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Марија Лончар-Велкова, информираа за новиот Правилник во однос на квалитетот на меленото месо, подготовките од месо и производите од месо.
Според директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, во Правилникот се допрецизираат одредени прашања кои се однесуваат на квалитетот на месото, со што се создава основа за подобрување на деловната клима, односно за еднаква поставеност на сите субјекти на пазарот.
„Унапредувањето на заштитата на потрошувачките права е во насока на обезбедување нивна подобра информираност и тоа што купуваат, и тоа со воведување задолжително декларирање на потеклото на месото, давање информации во декларацијата дали производот е добиен од свежо или замрзнато месо, дефинирање на содржината на вкупни протеини и содржината на вода во производите“, рече Атанасов, додавајќи дека Правилникот е основа за спречување на евентуална можна измама на потрошувачите.
„Досега во декларациите за месото немало информации за процентот на вода“, рече Атанасов, додавајќи дека со додавањето вода има класична злоупотреба, потрошувачите плаќаат месо, а добиваат вода.
Претседателот на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Марија Лончар-Велкова, истакна дека го поздравува новиот Правилник бидејќи потрошувачите имале реакции во однос на содржината на вода и протеини во месото.