Alma Dekovic
16 Ноември 2024•Ажурирај: 17 Ноември 2024
ЗАГРЕБ (АА) - Истражниот судија на Жупанискиот суд во Загреб им изрече едномесечен притвор на поранешниот хрватски министер за здравство Вили Берош и на претприемачот Саша Поздер, кои се осомничени за корупција при набавката на преплатена медицинска опрема, известува Анадолу.
Во истрагата се вклучени и шефот на загрепската невролошка клиника „Сестри на милосрдието“ и членот на управниот одбор на поликлиника во Загреб, Крешимир Ротим, кому му е дозволено да се брани од слобода со кауција.
По спроведување на независна истрага, Ускок ги сомничи Берош, Ротим и Поздер за злоупотреба на положбата и овластувањата, тргување со влијание, примање поткуп, поттикнување незаконски услуги и давање мито, сето тоа како дел од злосторничко здружување, а во врска со правно лице поради сомнение за давање и примање поткуп како дел од злосторничко здружување.
Државниот министер за здравство Вили Берош е приведен во петокот наутро во акција на Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК), а претходно била претресена и неговата куќа во населбата Јарун во Загреб. Набргу потоа беше објавена одлуката на премиерот Андреј Пленковиќ за разрешување на Берош од министерската функција и дека Ирена Хрстиќ е назначена за државен секретар кој ќе раководи со Министерството за здравство до стапување на функцијата новиот министер.
Полицијата упаднала и ја пребарала куќата на Берош во населбата Јарун во Загреб, по што следело неговото приведување.
Акцијата е спроведена поради незаконитост при набавката на медицинска опрема на одделението за неврохирургија во загрепската болница Виноград.
„Апсењата и спроведувањето на итни доказни дејствија се резултат на истраги кои претходно ги спроведе УСКОК. Споменатите дејствија се спроведуваат на подрачјето на Загреб и Скрадин во врска со повеќе лица, од кои едното е високо рангиран владин функционер, за кои постои основано сомнение дека сториле коруптивни кривични дела. УСКОК по сослушувањето на осомничениот ќе донесе одлука за понатамошно постапување во предметниот случај, за што навремено ќе ја информира јавноста“, соопштија од УСКОК.
- Вили Берош беше министер за здравство четири години
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во петокот на прес-конференција рече дека одлуката за разрешување на Берош ја донел веднаш штом дознал за какви злосторства се работи и додаде дека Државното правобранителство на Република Хрватска (ДОРХ) има целосна поддршка.
За случајот се огласи и Европското јавно обвинителство (ЕППО) во Загреб.
„Европското јавно обвинителство во Загреб покрена истрага против осум лица, меѓу кои и министерот за здравство и одговорните лица на две загрепски болнички установи и две правни лица, поради постоење на основано сомнение дека сториле кривични дела прифаќање и давање поткуп, злоупотреба на положбата и овластувањата и перење пари“, соопштија од ЕЈО.