Medin Halilovic
24 Јануари 2017•Ажурирај: 25 Јануари 2017
БЕЛГРАД(AA) - МВР на Србија денес објави снимки од напаѓачите на камерманот на Anadolu Agency (AA) во Белград, Нихад Ибрахимкадиќ, и ги повика граѓаните доколку ги препознаат лицата од снимките или фотографиите или пак располагаат со други информации што можат да помогнат во расветлувањето на нападот да се јават на телефоните +381(0)64/8921-483, +381(0)66/8894-212 или 192, јавува Anadolu Agency (AA).
Припадниците на Министерството за внатрешни работи интензивно трагаат по две машки лица осомничени дека во раните утрински часови на 5. јануари оваа година, во Немањина улица го нападнале Нихад Ибрахимкадиќ и му нанеле тешки телесни повреди.
Камерманот на Anadolu Agency во нападот се здоби со тешки телесни повреди во пределот на лицето и беше опериран на Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград.
Сѐ уште неидентификуваните напаѓачи го нападнале Нихад Ибрахимкадиќ од зад грб, а во текот на нападот и потоа не зборувале, ниту ги одзеле вредните предмети. Вработениот во Anadolu Agency е нападнат во раните утрински часови, по враќањето од БиХ, каде што престојувал за Нова година.
За овој напад е известена амбасадата на БиХ во Србија, амбасадата на Република Турција, како и надлежните органи на Република Србија.
Anadolu Agency најостро го осуди нападот врз својот вработен и ги повика надлежните служби во Србија да го расветлат овој случај. Нападот го осудија и претставниците на ОБСЕ за слобода на медиумите и новинарските здруженија во Србија.
Нихад Ибрахимкадиќ од 2012 година е ангажиран во Србија како камерман на Anadolu Agency.