Husamedin Gina
21 Мај 2021•Ажурирај: 23 Мај 2021
СКОПЈЕ
Сојузот на турски невладини организации во Северна Македонија (МАТУСИТЕБ) најостро ги осуди нечовечките акти и политики на терористичката држава Израел и ги повика сите држави и народи да се дистанцираат од Израел и да ги осудат неговите криминални акти, јавува Агенција Анадолија (АА).
Под мотото „Крени го гласот на совеста“, Сојузот на турски невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ) денеска пред Џамијата „Мурат Паша“ во Старата скопска чаршија одржа протестен собир за поддршка на Палестина и палестинскиот народ.
Претседателот на МАТУСИТЕБ, Хусрев Емин, истакнувајќи дека со години наназад на обесправениот и страдалниот палестински народ систематски им се прекршуваат човечките права, рече дека овој лицемерен став воопшто не го претставува ставот на совесните граѓани на Северна Македонија.
„Ние како Сојуз на турските невладини организации и совесни граѓани на Северна Македонија најостро ги осудуваме нечовечките акти и политики на терористичката држава Израел, и ги повикуваме сите држави и народи да се дистанцираат од Израел и да ги осудат неговите криминални акти“, нагласи Емин.
Тој рече дека сите терористички акти и нехумани политики на Израел треба строго да се осудат од сите страни.
„Неодамна, несреќните изјави на лидерот на најголемата опозициска партија на Република Северна Македонија, министерот за надворешни работи и премиерот на Република Северна Македонија, кои на еден начин претставуваа поддршка на прогонот и масакрот на терористичката држава Израел, длабоко ги вознемири совесните граѓани на Северна Македонија. Ги осудуваме овие изјави кои не го одразуваат ставот на совесните граѓани на Северна Македонија и бараме од властите веднаш да ја поправат оваа историска грешка“, додаде претседателот на МАТУСИТЕБ.
Истакнувајќи дека секоја идеологија која е на страна на окупаторот и прогонството е осудена да исчезне, Емин рече дека тие по секоја цена и секогаш ќе бидат со обесправениот и страдалниот палестински народ.
На протестот граѓаните носеа натписи на кои пишуваше: „Слобода за Палестина“, „Не допирајте го Месџид-и Акса“.
Присутните на протестниот собир извршија погребна молитва (џеназе намаз) во отсуство за Палестинците кои ги загубија животите во израелските напади.
На протестот присуствуваа претседателот на Турската демократска партија (ТДП) и пратеникот Бејџан Елјас, пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, претседателот на скопскиот огранок на Движењето за национално единство на Турците (ТМБХ) во Скопје, Џунејт Рушид, претставници на голем број невладини организации и голем број граѓани.
Во израелските напади на Газа од 10 загинаа 232 Палестинци, вклучувајќи 65 деца и 39 жени. Во тие напади се ранети најмалку 1.710 деца, а цел на нападите беа здравствените установи, медиумските центри и станбени згради. Поради нападите принудно се раселени најмалку 75.000 луѓе.
Тензиите на Блискиот исток избија во текот на Рамазан откако израелските сили изведоа напади на верниците во Ал Акса. Дополнителна ескалација на тензиите предизвика и одлуката на израелските власти за деложации на палестинските семејства од населбата Шеик Џарах.
По 11-дневна израелска агресија, прекинот на огнот помеѓу Хамас и Израел постигнат со посредство на Египет стапи на сила рано утринава.