Agim Sulaj
01 Јули 2026•Ажурирано: 01 Јули 2026
Припадници на мисијата на КФОР предводена од НАТО, на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС), на Косовската полиција, на Агенцијата за управување со вонредни состојби (АУВС) и на Косовските безбедносни сили (КБС), во согласност со нивните соодветни мандати во областа на цивилната заштита, на 2 и 3 јули ќе ја спроведат заедничката вежба „Златен меч 2026“, пренесува Анадолу.
КФОР соопшти дека вежбата ќе се одржи во кампот „Врела“, во Општина Липљан, а за време на обуката ќе бидат ангажирани голем број персонал, возила и опрема во зоната каде што ќе се одвиваат активностите, во нејзина близина, како и по главните пристапни патишта.
Цел на вежбата е тестирање на капацитетите за управување со кризна состојба, како и примена на знаења, вештини и процедури во различни сложени безбедносни сценарија, вклучително и ракување и безбедно уништување на експлозивни средства и опасни материјали.
Командантот на КФОР, генерал-мајор Озкан Улуташ, изјави дека заедничката вежба ја покажува посветеноста на сите учесници за зајакнување на соработката. „Оваа заедничка вежба ги симболизира нашата континуирана и силна посветеност на унапредување на соработката и меѓусебната координација, во корист на сите граѓани што живеат во Косово“, нагласи Улуташ.
КФОР продолжува да го спроведува својот мандат, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН) од 1999 година, за осигурување безбедна средина за сите заедници што живеат во Косово и за гарантирање на слободата на движење, во секое време и на непристрасен начин.
КФОР е трет безбедносен актер, по Косовската полиција и мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС), со кои работи во тесна координација.