Shpetim Hiseni
01 Јули 2026•Ажурирано: 01 Јули 2026
Врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа (SACEUR), генералот Алексус Г. Гринкевич, во присуство на началникот на Генералштабот на Армијата на Северна Македонија, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес ги посети припадниците на Армијата во Касарната „Илинден“ во Скопје, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Армијата, за време на своето обраќање пред припадниците, генералот Гринкевич го истакнал членството на земјата во „најсилната алијанса во историјата“, оценувајќи го придонесот во регионалните планови, учеството во копнените сили на НАТО и во мисијата КФОР како извонреден.
Тој ги повика војниците постојано да бидат подготвени, интензивно да се обучуваат и да ги проучуваат современите и минатите конфликти, приспособувајќи се на променливата природа на современото војување.
Од своја страна, генералот Лафчиски ја оценил посетата како доказ за довербата во Алијансата и истакнал дека Армијата на Северна Македонија е модерна, добро опремена и високо обучена, што е потврдено и преку НАТО-оценувањата за време на последните вежби и проверки.
Тој ги спомена и НАТО-оценувањата за лесните пешадиски единици и силите за специјални операции за време на вежбата „БЛЕСОК 26“.
Генералот Гринкевич исто така истакна дека Северна Македонија е високо ценет сојузник и има клучна улога во стабилноста на Западен Балкан, заблагодарувајќи се за придонесот во НАТО-мисиите, вклучително и во КФОР.
Со оваа посета во Касарната „Илинден“ во Скопје се заокружува официјалната посета на врховниот командант на сојузничките сили на НАТО за Европа на Армијата на Северна Македонија.