Sibel Vezaj
16 Ноември 2016•Ажурирај: 16 Ноември 2016
ПРИШТИНА (АА) - Косовскиот демократски институт (КДИ) денеска организираше прес-конференција на која ги објави резултатите од Глобалниот барометар за корупцијата во Косово, кој е дел од извештајот за Европа и за Централна Азија, јавува Аnadolu Agency (АА).
Според новиот извештај на „Глобалниот барометар за корупцијата (GCB)“, две третини од луѓето во Косово корупцијата ја посочуваат како еден од најголемите проблеми во земјата. Од друга страна, 67 отсто од анкетираните за овој извештај сметаат дека Владата не работи добро во борбата против корупцијата.
Артан Цанхаси, менаџер на програмата, во текот на презентацијата на извештајот ја истакна важноста на Глобалниот барометар за корупција, и рече дека овие податоци се користат од страна на Светската банка и корпорацијата Милениумски предизвик.
Цанхаси истакна дека извештајот е спроведен во 42 земји во Европа и во Централна Азија. Тој исто така соопшти дека 65 проценти од косовските Албанци сметаат оти корупцијата е еден од најголемите проблеми во Косово, во споредба со Германија, каде што само 2 проценти од луѓето ја сметаат корупцијата за најголем проблем.
Во однос на поткупот, Цанхаси изјави дека Косово се наоѓа на ниско ниво, но постои простор и за негово подобрување.
„Косово е рангирано на 10 отсто, а во земјите од регионот, на пример Црна Гора има 16 отсто стапка на поткуп, Албанија 34 отсто, Македонија 12 и Србија 22 отсто. Најдобро стојат земјите-членки на ЕУ, каде што Хрватска има 10 отсто и Словенија 3 отсто“, изјави Цанхаси.
Од друга страна, Мајлинда Курти, координатор на проектот, рече дека анкетираните во Косово сметаат дека 46 проценти од владините претставници и пратеници се вмешани во корупција. Таа додаде дека најголема доверба за невмешаност во корупција имаат верските лидери, а потоа косовската полиција.
Што се однесува до придонесот на граѓаните против корупцијата, Курти изјави: „Фактот што 42 отсто од анкетираните се согласуваат оти тие можат да придонесат во борбата против корупцијата, влијае да се чувствуваме позадоволни од тоа што се зголемила свеста дека тие можат да направат разлика и можат да влијаат на борбата против корупцијата“.
Таа исто така додаде дека 50 отсто од анкетираните изјавиле оти се подготвени да пријават корупција. Сепак, на прашањето: „Зошто граѓаните не пријавуваат корупција?“, Курти одговори дека главната причина е „стравот од последиците“.
Анкетата на Глобалниот барометар за корупција е спроведена во Косово, од декември 2015 година до март 2016 година, со вкупно 1.500 испитаници.