Elvır Hodzıc
05 Јуни 2026•Ажурирано: 05 Јуни 2026
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес во Тиват изјави дека успехот на Србија не го мери со тоа која земја од Западен Балкан прва ќе влезе во Европската Унија, туку со тоа колку се подобри условите за живот на граѓаните, јавува Анадолу.
Говорејќи на маргините на Самитот ЕУ - Западен Балкан, Вучиќ изјави дека би ѝ честитал на Црна Гора доколку стане следната членка на ЕУ, но дека за него клучни прашања остануваат економските показатели и животниот стандард.
„За мене не е важно кој прв ќе влезе во ЕУ. Важно е колку луѓето подобро живеат, платите, пензиите, силата на државата и способноста да ги чуваме своите интереси“, порача Вучиќ.
Тој нагласи дека стратегиска цел на Србија е членството во Европската Унија, но дека приоритет е зајакнувањето на економијата и подигнувањето на животниот стандард.
„На пат сме кон ЕУ. Тоа е нашата стратегиска цел“, рече Вучиќ, додавајќи дека очекува напредок на Србија во процесот на европските интеграции.
Говорејќи за Самитот, Вучиќ оцени дека имал многу добри и продуктивни разговори со европските официјални претставници, вклучувајќи ги претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Тој наведе дека очекува понатамошен напредок на земјите од Западен Балкан на европскиот пат, со напомена дека пред Србија и понатаму стојат бројни реформски задачи.
Вучиќ додаде дека Србија во регионот сè повеќе се препознава како економски најсилна земја на Западен Балкан во однос на својата големина, и дека приоритет и понатаму ќе биде привлекувањето инвестиции и зајакнувањето на економскиот раст.
- Самитот ЕУ - Западен Балкан во Тиват -
Самитот на лидерите на Европската Унија и Западен Балкан се одржува на 4 и 5 јуни во црногорскиот град Тиват под слоганот „Заеднички просперитет и стабилност на ЕУ и Западен Балкан“, а главна тема на Самитот е проширувањето на ЕУ.
Со Самитот претседава претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој оваа недела беше во посета на земјите во регионот.
Домаќин на Самитот е претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, а присуствуваат и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола.
Како што објави Европската комисија, лидерите на земјите од Западен Балкан и ЕУ ќе разговараат за проширувањето и за Планот за раст. Се очекува ЕУ да ја повтори целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западен Балкан.
Самитот е дел од спроведувањето на агендата на Европскиот совет за периодот 2024-2029 година.
Самитите на ЕУ и Западен Балкан се одржуваат од 2018 година, а последниот беше одржан во Брисел во декември 2025 година.
Црна Гора ангажираше околу 1.500 полицајци што се грижат за безбедноста на учесниците на Самитот.