Dzihat Aliju
07 Мај 2026•Ажурирај: 07 Мај 2026
Регионалната министерска конференција на тема „Предводење на промените - Патеки кон демографска отпорност во согласност со потребите на луѓето“ продолжува со различни панели во Скопје, јавува Анадолу.
На дводневната конференција, организирана под покровителство на Владата на Северна Македонија, во соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади на Северна Македонија и Фондот за население на Обединети нации (УНФПА), се одржа панел на тема „Зајакнување на луѓето: Човечки капитал, семејно-пријателски политики, здраво и активно стареење“.
Заменик-министерката за семејство и социјални услуги на Турција, Севим Сајим Мадак, во своето обраќање на панелот потсети дека 2025 година е прогласена за Година на семејството, со цел зајакнување и проширување на политиките насочени кон семејството.
„Потребни се долгорочни и сеопфатни политики. Во овој контекст, периодот од 2025 до 2035 година е прогласен за Деценија на семејството и населението“, рече Мадак.
Осврнувајќи се на семејно-пријателските политики на Турција, Мадак истакна дека имаат цел проактивно да ги адресираат потенцијалните ризици и да обезбедат превентивни услуги преку системот за семејно советување.
Мадак рече дека во Турција се обезбедува финансиска поддршка за младите на возраст од 18 до 29 години што се подготвуваат за брак, а породилното отсуство е зголемено од 16 на 24 недели.
Заменик-министерката за човекови права и бегалци на Босна и Херцеговина, Душка Јуришиќ, исто така, истакна дека на Западен Балкан постојат многу разлики, но дека „постои заеднички став, а тоа е дека се занимаваме со демографските проблеми“.
Министерот за внатрешно раселени лица од окупираните територии, труд, здравство и социјални прашања на Грузија, Михаил Сарјвеладзе, рече дека демографските трендови во Грузија ги гледаат не само како предизвик, туку и како можност за изградба на поздраво, поинклузивно и поотпорно општество.
Заменик-министерот за труд, социјална сигурност и миграција на Киргистан, Камчибек Досматов, изјави дека неговата земја се наоѓа во фаза на демографска транзиција, карактеризирана со висок удел на работоспособно население и почеток на постепено стареење на општеството.
На конференцијата, која ќе заврши утре, се организираат панели со учество на министри и заменици-министри од многу земји, особено од регионот.