Agim Sulaj
16 Јуни 2026•Ажурирано: 16 Јуни 2026
Се очекува Соединетите Американски Држави (САД) да направат промени во својот придонес во Мисијата на НАТО во Косово (КФОР), како дел од поширок процес на преиспитување на военото присуство на Алијансата во земјата, пренесува Анадолу.
Претставник на Европската команда на Соединетите Американски Држави (ЕУKОМ) изјави дека одлуката се темели на годишната ревизија спроведена од Врховната команда на сојузничките сили во Европа, која препорачала приспособување на трупите на теренот.
„Врз основа на најновата годишна ревизија на Врховната команда на сојузничките сили во Европа, НАТО ќе го оптимизира распоредувањето на силите во Косово (КФОР). Како резултат на тоа, Европската команда на САД ќе направи фазно приспособување, засновано врз процена на ризикот, на американскиот придонес во КФОР, во согласност со оваа ревизија предводена од СХАПЕ“, изјави претставникот на ЕУЦОМ.
Тој додаде дека САД и понатаму ја сметаат мисијата за клучна компонента на регионалната стабилност на Западен Балкан, без да даде детали за природата или обемот на можните промени.
Моментно САД во Косово имаат околу 590 распоредени војници во рамките на КФОР, број значително помал во споредба со повеќе од 5.000 војници распоредени во 1999 година, кога мисијата беше формирана по завршувањето на војната. Но САД ја имаат и базата „Бондстил“ во близина на градот Феризај (Урошевац), кој се смета за најголема американска воена база на Балканот.
Во моментов КФОР има повеќе од 4.600 војници од 31 различна земја.
Минатата недела НАТО соопшти дека постепено ќе го намалува своето присуство во Косово во текот на следната година, поради, како што наведе, подобрувањето на безбедносната состојба.
КФОР останува трет безбедносен одговорен фактор во Косово, по Косовската полиција како прв одговорен фактор и мисијата на ЕУ за владеење на правото, ЕУЛЕКС, како втор одговорен фактор.