Fatjon Cuka
03 Февруари 2020•Ажурирај: 03 Февруари 2020
ТИРАНА
Претседателот на Европскиот парламент (ЕП), Давид Сасоли, изјави дека процесот на членство на Албанија во Европската Унија (ЕУ) е важен и стратешки, како и сите останати процеси на членство кои се однесуваат на земјите од Западен Балкан, јавува Агенција Анадолија (AA).
Сасоли престојува во официјална посета на Албанија, во чии рамки, на заедничката прес-конференција по средбата со премиерот Рама, се фокусираа на прашањата поврзани со евроинтеграциите и различните реформски процеси во Албанија.
Рама во својот говор истакна дека фокусот на дискусиите е процесот на евроинтеграција, односно, започнувањето на преговорите на Албанија и Северна Македонија со Европската Унија.
„Врз основа на документите на Европската комисија, ниту една земја пред да ги започне преговорите не сторила повеќе отколку што сторивме ние. Некои од нив дури спроведуваа реформи откога се приклучија. Ни требаат реформи, за нашата иднина, за нашите деца, затоа што тоа е праведно за нас“, рече Рама.
Сасоли од друга страна рече дека посакува да може да се отвори процесот на пристапување во ЕУ. Потоа, според него, процесот на пристапување значи да се продолжи со реформите за да се приспособат не само стандардите на Албанија, туку и на сите земји учеснички во процесот на зачленување, со европските стандарди.
„Сè што се прави е во корист за нашите земји, тоа е особено во корист за животот на граѓаните и секако за Албанија да има поголема транспарентност, борба против корупцијата, борба против нелегалниот капитал, борба против организираниот криминал. Процесот на зачленување на Албанија во ЕУ е навистина важен и стратешки, корисен, неопходен, исто како и сите други пристапни процеси што се поврзани со земјите од Западен Балкан, значи да се поклопи географскиот простор со политичкиот простор“, рече Сасоли.