Dzihat Aliju
21 Април 2026•Ажурирај: 21 Април 2026
Во рамките на реализацијата на националната теренска тактичка вежба „БЛЕСОК 26“, на армискиот полигон „Криволак“, Северна Македонија, беа реализирани активности насочени кон извршување тактички задачи во сложена и динамична безбедносна средина, пренесува Анадолу.
Според соопштението од Армијата, активностите опфатиле организација и функционирање на мобилни контролни точки, распоредување и дејствување од артилериски позиции, како и изведување патролни задачи и посебни тактички дејства.
„Паралелно со тоа, единиците на терен функционираа и во услови на симулиран надзор и извидување од воздух, при што постапуваа во согласност со стандардните оперативни процедури, применувајќи соодветни мерки за зачувување на оперативната безбедност“, се наведува во соопштението.
Според соопштението, со ваквиот тип сценарија се овозможува реална проверка на способноста за навремено препознавање на различни предизвици, соодветна реакција и ефикасно извршување на задачите во различни тактички услови.
„Активностите придонесуваат кон унапредување на борбената готовност на Лесната пешадиска баталјонска група и потврдување на способноста за дејствување во согласност со мисијата на единицата“, се истакнува во соопштението.