Shpetim Hiseni
16 Април 2026•Ажурирај: 16 Април 2026
На маргините на 152. Собрание на Интерпарламентарната унија, кое се одржува од 15 до 19 април 2026 година во Истанбул, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со грузискиот колега Шалва Папуашвили, пренесува Анадолу.
Според соопштението од Собранието на Северна Македонија, на средбата двајцата претседатели изразиле задоволство од позитивниот развој на билатералните односи и ја нагласиле заедничката подготвеност за продлабочување на парламентарната соработка, размена на искуства во спроведувањето на реформите и зајакнување на демократските институции и владеењето на правото.
Беше истакната и важноста на 67. Генерално собрание на ПАБСЕК во Тбилиси како можност за натамошен дијалог. Претседателот Папуашвили му упати покана на претседателот Гаши да го посети Тбилиси во тој период.
Гаши го посети седиштето на Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка (ПАБСЕК), каде што имаше средба со генералниот секретар Асаф Хаџиев. Двајцата соговорници ја потврдија посветеноста на Република Северна Македонија на активното учество во ПАБСЕК. Тие разменија мислења за можностите за поактивно вклучување на националните парламенти во регионалната соработка, особено во областа на економската поврзаност, инфраструктурниот развој и енергетската безбедност.
Гаши се сретна и со претседателот на Глобалниот совет за толеранција и мир, Ахмед бин Мухамед ал-Џарван. На средбата беше потврдена посветеноста на двете страни на соработката предвидена со Меморандумот за соработка потпишан во ноември 2025 година во Скопје. Претседателот Гаши ја истакна улогата на Северна Македонија во промовирањето на толеранцијата како секојдневна вредност.
Во соопштението се вели дека средбите се одвиваа во конструктивна и пријателска атмосфера. Претседателот Гаши повторно ја потврди посветеноста на Собранието на Северна Македонија на активната парламентарна дипломатија и зајакнувањето на меѓународната соработка.