Agim Sulaj
02 Јули 2026•Ажурирано: 02 Јули 2026
Во Владата на Косово се одржува состанок на Неформалниот министерски совет за 2026 година, на кој се собрани министрите надлежни за енергетика и клима од регионот на Енергетската заедница, како и претставници на Европската Унија (ЕУ), за да разговараат за енергетската безбедност, регионалната пазарна интеграција и енергетската транзиција, јавува Анадолу.
Вршителката на функцијата министерка за економија, Артане Ризваноли, во обраќањето пред присутните изрази загриженост кон северниот сосед на Косово, Србија, барајќи спроведување на одлуката на Енергетската заедница што ја обврзува Србија да ги стави на располагање прекуграничните капацитети за тргување со енергија со Косово, велејќи дека Белград не презел никакви чекори во таа насока.
„Операторот за пренос на Србија продолжува да одбива директна комуникација со нашиот оператор КОСТТ, а комуникацијата е неопходна за одржлива регионална соработка. Со спречување на комерцијалното користење на интерконекцијата со Косово, Србија ги преоптоварува преносните капацитети во Косово и во соседните земји и им наметнува непотребен товар на сите потрошувачи во регионот, особено на Косово, а последиците од ова ние ги почувствувавме многу блиску и тешко во изминатите години. Ние нема да стоиме со скрстени раце додека оваа обврска на Србија не се спроведе“, изјави Ризваноли.
Шефицата на единицата за Европската Унија (ЕУ), Јоланда Гарсија Мезкита, нагласи дека забрзувањето на интеграцијата на Косово и другите држави во внатрешниот европски пазар е од исклучителна важност.
„Денешната дискусија ќе се фокусира на два меѓусебно поврзани приоритета. Првиот е забрзување на интеграцијата на страните во внатрешниот пазар на ЕУ. Ова не е само техничка цел, туку стратегиска инвестиција во безбедноста на Европа, конкурентноста и проширувањето. Следниот чекор е поврзување на пазарот на ЕУ и договорните страни во Енергетската заедница“, рече таа.
Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Артур Лорковски, изјави дека Косово е единствена држава на Западен Балкан и во Енергетската заедница што нема директна врска со земјите членки на ЕУ.
Лорковски рече дека од овој состанок треба да се прати сигнал до ЕУ и нејзините институции дека регионот има постигнато енергетски напредок. „Да пратиме јасен сигнал до ЕУ, нејзините членки и институции. Да кажеме дека да, има брз напредок, за да бидеме усогласени со законодавството на ЕУ и да може да се интегрираме во ЕУ“, рече Лорковски.
Тој додаде дека овој регион на Балканот има важна предност – пристапна цена на енергијата, што создава можности државите да го забрзаат процесот на напредок, особено во секторите за греење и транспорт.
Енергетската заедница е меѓународна организација што ги обединува ЕУ и партнерските земји, со цел создавање заеднички енергетски пазар, усогласување на законодавството и унапредување на транзицијата кон чиста енергија. Косово е договорна страна вк Договорот за Енергетската заедница од 2006 година.