ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека ќе го ограничи федералното финансирање за Њујорк доколку демократскиот кандидат Зохран Мамдани ја добие претстојната трка за градоначалник на градот, нарекувајќи го „комунист“, пренесува Анадолу.
„Доколку комунистичкиот кандидат Зохран Мамдани победи на изборите за градоначалник на Њујорк, многу е малку веројатно дека ќе придонесам со федерални средства, освен најминималното што е законски задолжително, затоа што, како комунист, овој некогаш голем град нема никакви шанси за успех, ниту за опстанок! Со комунист на чело, може само да стане полошо“, напиша Трамп на својата платформа „Трут соушал“.
Мамдани, пратеник во Државното собрание на Њујорк кој го претставува 36-тиот округ во Квинс, е познат како застапник на реформата во домувањето, проширувањето на јавниот транспорт и социјалните програми. Тој се идентификува како демократски социјалист, но го отфрла етикетирањето како „комунист“ што често го користат конзервативните критичари.
Изјавата на Трамп доаѓа во последната фаза од изборната кампања за градоначалник на Њујорк, откако заврши предвременото гласање, а повеќе од пет милиони регистрирани гласачи денес ќе го изберат новиот градоначалник во трката меѓу Мамдани, поранешниот гувернер на Њујорк и независен кандидат Ендру Куомо, и републиканецот Куртис Слива.
Во својата објава, Трамп индиректно го поддржа Куомо, предупредувајќи ги своите следбеници дека гласањето за Слива би му помогнало на Мамдани.
„Мора да запомниме – глас за Кертис Слива (кој изгледа многу подобро без беретката!) е глас за Мамдани. Без разлика дали ви се допаѓа Ендру Куомо или не, немате друг избор. Мора да гласате за него и да се надевате дека ќе ја заврши работата одлично. Тој е способен, Мамдани не е!“, напиша Трамп.
Во посебна објава, Трамп им се обрати и на гласачите во државите Вирџинија и Њу Џерси, повикувајќи ги да ги поддржат републиканските кандидати на тамошните избори и предупредувајќи дека демократите ќе предизвикаат „значително повисоки цени на енергијата“.
„Вирџинија и Њу Џерси, запомнете: глас за републиканец значи значително пониски цени на енергијата, а глас за демократ – особено за овие двајца губитници – значи двојно, тројно, па дури и четирикратно зголемување на трошоците“, изјави тој.
Трамп, исто така, ја обвини гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, дека „го уништува“ целиот регион со високите енергетски цени.
„Њујорк умира поради нејзиниот апсурден систем за плаќање такса за сообраќаен метеж, каде луѓето мора да плаќаат богатство само за да дојдат во Менхетен - па затоа едноставно не доаѓаат! Местото е град на духови“, рече тој.
Трамп додаде дека ќе побара од секретарот за транспорт, Шон Дафи, да ја разгледа можноста за укинување на таксата за сообраќаен метеж во Њујорк.