Кина ги повика САД да го почитуваат мораториумот за нуклеарни тестирања

„Подготвени сме да соработуваме со сите страни за зачувување на Договорот за целосна забрана на нуклеарни тестови и за поддршка на режимот за неширење и разоружување“

ИСТАНБУЛ (AA) – Кина денес ги повика Соединетите Американски Држави (САД) да го почитуваат мораториумот за нуклеарни тестирања откако претседателот Доналд Трамп го задолжи Пентагон да се подготви за повторно тестирање на нуклеарното оружје, јавува Анадолу.

„Се надеваме дека САД ќе го почитуваат мораториумот за нуклеарни тестирања и ќе го зачуваат глобалниот стратегиски баланс, како и дека ќе преземат конкретни чекори за поддршка на меѓународниот режим за разоружување и спречување на ширењето на нуклеарното оружје“, изјави портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на прес-конференцијата во Пекинг.

Мао нагласи дека Кина „секогаш тргнува на пат кон мирен развој“ и дека ја почитува политиката да „не се употребува нуклеарно оружје, освен во одбранбени цели“.

„Подготвени сме да соработуваме со сите страни за зачувување на Договорот за целосна забрана на нуклеарни тестови и за поддршка на режимот за неширење и разоружување“, додаде таа.

Во неделата Трамп изјави дека Северна Кореја не е единствена земја што тестира нуклеарно оружје, тврдејќи дека Русија и Кина, исто така, спроведуваат такви тестови.​​​​​​​

„Русија тестира и Кина тестира, но никој не зборува за тоа“, рече Трамп во интервју.

Неговите изјави се дадени само три дена по наредбата до американската војска да ги обнови тестирањата на нуклеарното оружје – што би било прво вакво тестирање во повеќе од 30 години.