ПЕКИНГ (АА) – Кина денес соопшти дека нејзините односи со Венецуела се „суверени“, изразувајќи противење на „прекумерните“ американски операции против бродовите во Карипското Море и Тихиот Океан, јавува Анадолу.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на прес-конференцијата во Пекинг изјави дека соработката меѓу Кина и Венецуела не е насочена против трета страна и не треба да биде предмет на мешање или влијание од трети земји.
Мао одговараше на прашање за Венецуела, под водство на претседателот Николас Мадуро, која „бара ракети, беспилотни летала и друга воена опрема од Кина, Русија и Иран за да се спречат можни напади од САД“.
„Кина има јасен став во однос на американските воени акции против таканаречените наркокартели во Карипското Море“, рече Мао, нагласувајќи дека Пекинг ја поддржува „борбата против прекуграничниот криминал преку зајакната меѓународна соработка“, но се противи на употребата на сила во меѓународните односи.
Таа додаде дека Кина „се противи на чекорите што ги поткопуваат мирот и стабилноста во регионот на Латинска Америка и Кариби (LAC)“ и е против „еднострани и прекумерни операции против бродови на други држави“.
Досега Вашингтон реализира повеќе од десет воздушни напади врз бродови што наводно се поврзани со трговија на дрога, главно, во Карипското Море и Тихиот Океан, при што од септември се убиени најмалку 64 лица.
„Се надеваме дека САД ќе се вклучат во нормална соработка во спроведувањето на законот и судството преку билатерални и мултилатерални правни рамки“, рече Мао.