СКОПЈЕ (АА) - Според резултатите по вториот круг локални избори во Северна Македонија, кој се одржа вчера, коалицијата ВМРО ДПМНЕ, заедно со резултатите и од првиот круг, има најголем број градоначалници, во Скопје и во 54 општини, а втора, со девет градоначалнички места, е коалицијата ВРЕДИ, јавува Анадолу.
На локалните избори 2025 учествуваа вкупно 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи, односно независни кандидатури.
Коалицијата на СДСМ, според резултатите, има освоено шест градоначалнички места, Националната алијанса за интеграција (НАИ) четири, а Движењето ЗНАМ и Унијата на Ромите по еден градоначалник. Една општина ќе ја води независен кандидат.
Според првичните резултати на Државната изборна комисија (ДИК), ВМРО-ДПМНЕ вчера на вториот круг од изборите, освен во Скопје со кандидатот Орце Ѓорѓиевски, победи и во општините: Аеродром, Брвеница, Валандово, Виница, Дебарца, Демир Капија, Дојран, Карпош, Кичево, Конче, Кочани, Крушево, Лозово, Македонски Брод, Могила, Неготино, Пробиштип, Ранковце, Росоман, Чешиново Облешево, Чучер Сандево.
Коалицијата ВРЕДИ, пак, во вториот круг доби четворица градоначалници и тоа во Боговиње, Дебар, Долнени и во Тетово.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) свои градоначалници ќе има во Зрновци, Македонска Каменица и во Центар.
Нов градоначалник во вториот круг има и Струга - независен кандидат, поддржан и од коалицијата ВРЕДИ, а по еден освоија и Унијата на Ромите во Шуто Оризари, Движењето ЗНАМ за наша Македонија во Куманово, како и НАИ во Студеничани.
Во првиот изборен круг на 19 октомври ВМРО-ДПМНЕ освои 33 градоналнички места (Берово, Битола, Босилово, Бутел, Василево, Вевчани, Велес, Гази Баба, Гевгелија, Градско, Ѓорче Петров, Делчево, Демир Хисар, Желино, Зелениково, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Кратово, Новаци, Ново Село, Охрид, Петровец, Пехчево, Прилеп, Радовиш, Ресен, Свети Николе, Сопиште, Старо Нагоричане, Струмица и во Штип), ВРЕДИ пет (Чаир, Арачиново, Желино, Сарај и Теарце), а по три СДСМ (Кривогаштани, Крива Паланка и Богданци) и НАИ (Липково, Пласница и Чашка).
Во четири општини – Гостивар, Врапчиште, Центар Жупа и Маврово и Ростуше вчера немаше гласање поради недоволната излезност на гласачите во првиот круг, поради што ќе се спроведе нова изборна постапка во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати од локалните избори.
Ова беа осми локални избори во Северна Македонија, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.