СКОПЈЕ (АА) - Група судански бегалци денес се собраа пред Канцеларијата на Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци (УНХЦР) во Џакарта, протестирајќи против постојаното насилство и хуманитарната криза во Судан, јавува Анадолу.
„Запрете го геноцидот во Судан“ и „Запрете ја војната во Судан“, извикуваа демонстрантите, повикувајќи ги Обединетите нации и меѓународната заедница да интервенираат и да го спречат, како што го нарекоа, „масовното убивање“ во нивната земја.
Протестот помина мирно, а учесниците стоеја пред комплексот на УНХЦР, барајќи поголем меѓународен притисок врз завојуваните страни во Судан.
Демонстрантите, исто така, апелираа до УНХЦР да помогне во подигнување на свеста кај индонезиската јавност и меѓународната заедница за продолжените злосторства во нивната земја.
Според локални и меѓународни организации, на 26 октомври, паравоените сили на Силите за брза поддршка (РСФ) ја презеле контролата врз градот Ел-Фашер, на југозапад од Судан, и извршиле масакри врз цивилното население. Настанот предизвика предупредувања дека нападот може дополнително да ја продлабочи територијалната поделба на земјата.
Подоцна, лидерот на Силите за брза поддршка (РСФ), Мухамед Хамдан Дагало, познат како „Хемедти“, призна дека неговите сили извршиле „прекршувања“ во Ел-Фашер, тврдејќи дека се формирани истражни комисии.
Од 15 април 2023 година, суданската Армија и РСФ се во вооружен судир кој, и покрај бројните регионални и меѓународни посредувања, сè уште не е завршен. Конфликтот досега одзел 20.000 животи и принудил повеќе од 15 милиони луѓе да ги напуштат своите домови, според податоците на Обединетите нации и локални извештаи.