Стотици раселени цивили бегаат од Ел-Фашер кон северен Судан во очајни услови

Многумина од новопристигнатите во Ал-Даба пешачеле долги растојанија и минале низ екстремни услови пред да стигнат до безбедност

КАРТУМ / ИСТАНБУЛ (АА) – Стотици раселени цивили пристигнаа во градот Ал-Даба, во северниот дел на Судан, по патување долго повеќе од 1.200 километри од Ел-Фашер, главниот град на северниот регион Дарфур, јавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.

Според медиумот „Судан њуз“, повикувајќи се на локални извори, околу 62.000 лица побегнале од Ел-Фашер откако паравоените Сили за брза поддршка (RSF) го презеле градот кон крајот на октомври. Бегалците се движеле кон Курма, Тавила и Гарни во северен Дарфур, а илјадници останале заглавени по патот без превоз и помош.

Многумина од новопристигнатите во Ал-Даба пешачеле долги растојанија и минале низ екстремни услови пред да стигнат до безбедност, се наведува во извештајот.

Меѓународната медицинска организација „Лекари без граници“ (MSF) во неделата упати повик до РСФ и вооружените групи сојузници веднаш да им дозволат на цивилите да го напуштат Ел-Фашер, бидејќи состојбата таму драматично се влошува, а злоупотребите врз жителите се зголемуваат.

„Итно ги повикуваме РСФ и сојузничките вооружени групи да ги поштедат цивилите и да им дозволат да заминат од Ел-Фашер“, изјави Мишел Оливие Лашарите, раководител на Одделот за итни ситуации на МСФ, во соопштението објавено на платформата Х.

Тој, исто така, ги повика членките на таканаречениот „квартет“ - САД, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Египет - да ја искористат својата влијателна позиција „за да го запрат крвопролевањето“ во градот.

Организацијата соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата и предупреди дека меѓународната заедница „не смее да сврти поглед“ додека хуманитарната криза во Ел-Фашер станува сè поголема.

На 26 октомври РСФ ја презедоа контролата врз градот Ел-Фашер во државата Северен Дарфур и, според локални и меѓународни организации, извршија масакри врз цивилите.

Нападот, како што предупредуваат аналитичарите, би можел дополнително да ја зацврсти територијалната поделба на Судан.

Од 15 април 2023 година суданската Армија и РСФ се во вооружен конфликт што, и покрај регионалните и меѓународните обиди за посредување, сè уште не е прекинат.